Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Историски исчекор и ново поглавје за регионалната реформа: Општините обединети во современ европски модел за управување со отпад

Историски исчекор и ново поглавје за регионалната реформа: Општините обединети во современ европски модел за управување со отпад

 Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска,  заедно со министерот за локална самоуправа, Златко Перински, Н.Е. Амбасадорот на Швајцарија Кристоф Сомер, претставникот на Шведската агенција за меѓународeн развој - SIDA, Микаел Атерхог, извршниот директор на ЗЕЛС, Душица Перишиќ и претставникот на SALAR International,  Лена Фалкон, имаа поздравни говори на отворањето на настанот на кој официјално беше конституиран Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) на Пелагонискиот и Југозападниот регион — историска пресвртница во нашата национална реформа и доказ дека заедничката визија создава резултати.

Конституирањето на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) во Пелагонискиот и Југозападниот регион е клучна пресвртница во националните напори за воспоставување модерен, интегриран и европски усогласен систем за управување со отпад. Овој чекор ја претвора долгорочната стратешка рамка во практична институционална инфраструктура, што создава стабилна основа за ефективна регионална соработка и одржлив развој.

Настанот ја рефлектира зрелоста на општините, нивната политичка волја да работат координирано и посветеноста кон креирање јавни услуги кои се транспарентни, одговорни и ориентирани кон граѓаните. МОУО ќе обезбеди кохерентно носење одлуки, усогласено планирање и спроведување на регионалните приоритети — што ја прави реформата функционална, а резултатите мерливи и долготрајни.

Во своето обраќање заменик министерката нагласи дека новиот модел претставува вистинско обединување на општините околу систем што ја става јавната услуга и граѓаните во центарот на одлуките. „Управувањето со отпад не е само техничко прашање, туку политичка зрелост и одговорност. Кога општините делуваат заедно, кога одлуките се носат координирано и транспарентно, граѓаните добиваат посигурни услуги, почиста средина и подобра перспектива за идните генерации,“ истакна Лашкоска.

Шведска преку SALAR International, не е само донатор – тие се партнери кои веруваат во потенцијалот на нашите општини. Швајцарската конфедерација како долгогодишен партнер и подржувач на овој проект, создаде средина во која реформата може да се спроведува со високи професионални стандарди, стабилност и институционална сигурност. Нивната експертиза и долгорочна поддршка ни овозможуваат да создадеме систем кој ќе биде европски по стандарди и македонски по одговорност.

Таа потенцираше дека токму граѓаните ќе ги почувствуваат најголемите придобивки од реформата: „Овa значи помалку депонии, повеќе ред, поквалитетни услуги и почиста средина, модел што конечно ќе работи во корист на здравјето и благосостојбата на граѓаните. Вистинската победа е нивна — затоа што секој чекор што го правиме, го правиме за нив.“

Министерството ја реафирмира својата долгорочна улога во реформата, нагласувајќи дека овој процес не е изолиран потег, туку внимателно граден систем кој макотрпно се развива со години. МЖСПП останува силен партнер и гарант дека реформата ќе продолжи со јасни стандарди, транспарентни процедури и стабилна институционална поддршка. Денешниот чекор е почеток на фазата во која трансформацијата станува видлива и мерлива.

Воедно како одговорна иституција МЖСПП упатува заедничка порака до граѓаните и локалната самоуправа, дека визијата е јасна – секое семејство, секое населено место и секоја општина да бидат дел од една чиста, модерна, европска и здрава МК.

МОУО е инструмент, но визијата е заедничка. Ако ја задржиме истата посветеност, партнерство и чесност во работењето, денешниот ден ќе се памети како моментот кога почна да се гради систем што ќе трае со генерации.

Мени за пристапност