Тирана, 5 мај 2026 – Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, учествуваше на панелот на високо ниво „Обединети за климата – Акција за адаптација и регионална соработка“, кој се одржува во Тирана, во организација на Министерството за животна средина на Албанија и ГИЗ, во рамките на Регионалното партнерство за климата меѓу Германија и земјите од Западен Балкан.
На конференцијата учествуваат министри задолжени за климатските политики од регионот, како и други високи претставници, со цел зајакнување на политичкиот дијалог и координацијата во справувањето со климатските предизвици.
Панелот на високо ниво претставува значајна платформа за лидерство и соработка, насочена кон унапредување на регионалната агенда – од планирање кон имплементација и од индивидуални пристапи кон усогласена, заедничка акција.
Во фокусот на дискусијата беше прашањето како регионот може да ги преточи обврските за адаптација во конкретни и одржливи решенија, преку засилена регионална соработка и координиран пристап.
Во своето обраќање, Лашкоска се осврна на тековните активности на Министерството за животна средина и просторно планирање во насока на воспоставување на функционална рамка за адаптација на најранливите сектори кон климатските промени, нагласувајќи дека регионалната соработка претставува суштински инструмент за справување со заедничките климатски ризици.
„Само преку координиран регионален пристап можеме да изградиме отпорни системи и да обезбедиме долгорочна заштита за нашите граѓани и економии“, истакна Лашкоска.
Регионалната соработка, како што беше посочено, овозможува унапредување на знаењата преку размена на искуства и методологии, но и отвора нови можности за пристап до меѓународни финансиски механизми за поддршка на климатските политики.
Во таа насока, Министерството за животна средина и просторно планирање останува посветено на продлабочување на регионалните партнерства и усогласување со европските стандарди, со јасна цел – трансформација на климатските политики во конкретни резултати што носат директни придобивки за граѓаните и обезбедуваат одржлива и отпорна иднина.