Скопје, 9 септември 2026 година Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денеска ја отвори дводневната TAIEX работилница за кластеризација на испораката на општинските водни услуги, организирана во соработка со Европската комисија.
На работилницата учествуваат претставници на централната и локалната власт, надлежни институции и експерти од земји членки на ЕУ, со цел размена на европски искуства и добри практики за унапредување на управувањето со водниот сектор.
Фокусот е ставен на можностите за мултиопштински и регионален пристап во испораката на водните услуги, кој може да овозможи подобро планирање на инвестициите, поефикасно управување со инфраструктурата, намалување на загубите на вода и поквалитетни и постабилни јавни услуги.
„Европските стандарди не треба да останат само формално пренесени во законодавството. Тие треба да се претворат во посигурно водоснабдување, подобро управување со отпадните води, поефикасни инвестиции и поквалитетни услуги за секој граѓанин. Организацискиот модел е средство, а вистинската мерка за успех е услугата што ја добиваат граѓаните и заштитата на водните ресурси“, истакна Лашкоска.
Таа нагласи дека европските искуства треба да се користат како основа за решенија прилагодени на домашните услови и реалните потреби на општините, при што реформите мора да бидат финансиски одржливи и социјално правични.
Експерти од Португалија, Франција и Романија во текот на работилницата ќе ги презентираат своите искуства во регионалното организирање на водните услуги, институционалните и законските аспекти, управувањето со инфраструктурата и планирањето на инвестициите.
Ќе се дискутира и за тарифната политика, социјалната достапност на услугите, намалувањето на загубите, повторната употреба на водата и зголемувањето на ефикасноста на водоводните и канализациските системи.
Работилницата е дел од процесот на усогласување на националниот систем за управување со водите со законодавството и политиките на ЕУ, со цел создавање одржлив, ефикасен и правичен систем на водни услуги.