Следната информација има за цел правилно информирање на јавноста и избегнување на создавање на конфузија преку користење на погрешни термини од областа на управувањето со отпадот. Дополнително, правилниот избор на термини ќе придонесе кон воспоставување на санитарните системи за управување со отпад во земјата и нивно прифаќање од јавноста.
Според терминологијата уредена со законодавството за управување со отпад[1], не постои термин “дива депонија”. Прифатлив термин за местата што не исполнуваат услови за финално одлагање (отстранување/депонирање) на отпад и кои не се дозволени со закон (за кои нема дозвола за отстранување на отпад) е ѓубриште, сметиште или буниште.
За жал, долго време пишаните и електронски медиуми го користат терминот “дива депонија” за места што не исполнуваат никакви услови за правилно одлагање на отпадот, како на пример: “неправилно отстранет отпад на депонии”, “пожар на депонии”, “голем број депонии низ земјата” итн.
Резултат на погрешното информирање е создавање на погрешна слика и разбирање кај јавноста за депониите, термин и места што претставуваат правилен начин за одлагање на отпадот. Од тие причини, првата асоцијација на јавноста за терминот “депонија” е нешто што дими, гори и смрди, што пак е поврзано со ситуацијата кај нестандардните локации за отстранување / ѓубришта насекаде во земјата. Конечно, сето ова води кон тенденција јавноста да не ги прифаќаат регионалните системи за управување со отпад и санитарните депонии.
За правилно информирање, “депонија” претставува посебно избрано и уредено место за финално одлагање на отпадот преку посебни постапки и каде се обезбедени услови за заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Во таа смисла, би сакале да го потенцираме следното:
- Местата на депониите се избрани во процес на селекција за да исполнуваат услови пропишани со закон,
- Местата за депонирање се проектираат и изведуваат со низа на заштитни мерки што овозможуваат заштита на почвата, водите и воздухот.
- Одлагањето на отпадот се врши со примена на мерки и постапки што овозможуваат безбедно одлагање на отпадот и избегнување на инциденти, протекувања, пожари и други непогоди.
- Депониите се оградени и кај нив има чуварска служба за да се спречи неовластено влегување.
- Работата на депониите е дозволена само кога се исполнети условите и добиена дозвола за работа (дозвола за депонија и интегрирана еколошка дозвола).
- Депониите се предмет на редовна контрола и мониторинг, согласно условите од дозволите за работа.
Сите други места што не ги усполнуваат горе споменатите услови претставуваат ѓубришта/буништа/сметишта!
Правилниот избор и примена на термини од областа на управувањето со отпад значајно ќе помогне во воспоставување на регионалните системи за отпад и нивно прифаќање од страна на јавноста. Од таа причина, силно апелираме за внимателен избор и користење на термините.
Ви благодариме на разбирањето и соработката.
[1] Закон за управување со отпадот (*) („Службен весник на РСМ“ бр.216/2021 и 3/25)