Состојбата на животната средина во Европа не е добра: заканите за природата и влијанијата на климатските промени се врвни предизвици
Постигнат е значителен напредок во намалувањето на емисиите на стакленички гасови и во загадувањето на воздухот, но севкупната состојба на животната средина во Европа не е добра, особено нејзината природа, која продолжува да се соочува со деградација, прекумерна експлоатација и загуба на биодиверзитетот. Итен предизвик претставуваат и влијанијата на забрзувањето на климатските промени, се вели во најсеопфатниот извештај за состојбата на животната средина на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) објавен на 29 септември 2025. Перспективата за повеќето трендови во животната средина е загрижувачка и претставува главен ризик за економскиот просперитет, безбедноста и за квалитетот на живот во Европа.
ЕЕА го објавува извештајот за состојбата на животната средина на секои пет години, како што е пропишано со нејзините прописи. Животната средина во Европа 2025 е седми таков извештај објавен од ЕЕА од 1995 година. Тој дава солидни, научно засновани увиди во тоа како мора да реагираме на големите и сложените предизвици со кои се соочуваме, како што се климатските промени, загубата на биодиверзитетот и загадувањето на воздухот и водата.
Во извештајот се нагласува дека климатските промени и деградацијата на животната средина претставуваат директна закана за конкурентноста на Европа, која зависи од природните ресурси. Се додава дека остварувањето климатска неутралност до 2050 година, исто така, зависи од подоброто и поодговорното управување со земјата, водата и другите ресурси. Заштитата на природните ресурси, ублажувањето и адаптирањето на климатските промени, како и намалувањето на загадувањето ќе создадат отпорност на виталните општествени функции што зависат од природата, како што се безбедноста на храната, водата за пиење и заштита од поплави.
Во извештајот се бара зајакнување на спроведувањето на политиките и активностите што ќе овозможат одржливост на подолг рок, што веќе е договорено со Европскиот зелен договор. Таквите дејства се усогласуваат со приоритетите за иновации, декарбонизација и безбедност на Компасот за конкурентност на Европската комисија.
Извештајот за животната средина на Европа 2025 (https://www.eea.europa.eu/en/europe-environment-2025) е најсеопфатна анализа за постојната состојба и перспектива на животната средина, климата и одржливоста на континентот, врз основа на податоци од 38 земји. Во извештајот се нагласува дека Европската Унија е светски лидер во климатските активности, со намалување на емисиите на стакленички гасови и на користењето на фосилни горива, а истовремено го удвојува уделот на обновливи горива од 2005 година наваму. Во изминативе 10-15 години постигнат е добар напредок и во подобрувањето на квалитетот на воздухот и зголемувањето на рециклирањето на отпадот и ефикасноста на ресурсите. Причина за надеж дава и напредокот во однос на голем број фактори што овозможуваат промена кон одржливост – како што се иновации, зелено вработување и одржливи финансии.
Извршната потпретседателка за чиста, праведна и конкурентна транзиција Тереса Рибера изјави: „Овој извештај е остар потсетник дека Европа мора да остане на својот пат и дури да ги забрза нашите климатски и еколошки амбиции. Неодамнешните екстремни временски настани покажуваат колку кревки стануваат нашиот просперитет и безбедност кога е деградирана природата, а се интензивираат климатските влијанија. Доцнењето или одложувањето на нашите климатски цели само би ги зголемило трошоците, продлабочило нееднаквостите и би ја ослабело нашата отпорност. Заштитата на природата не е трошок. Таа претставува инвестирање во конкурентност, отпорност и благосостојба на нашите граѓани. Со зголемување на активноста сега може да изградиме појасна, поправедна и поотпорна Европа за идните генерации.“
Комесарката за животна средина, отпорност на водата и конкурентна циркуларна економија Џесика Росвал рече: „Иако е направен напредок, состојбата на нашата животна средина е јасен повик за акција за продолжување на намалувањето на загадувањето, обновување на природата и заштита на биодиверзитетот. Треба повторно да размислиме за врската меѓу животната средина и економијата и на заштитата на природата да гледаме како на инвестиција, а не трошок. Здравата природа претставува основа за здраво општество, конкурентна економија и отпорен свет и затоа ЕУ е посветена да остане на патот на нашите еколошки обврски.“
Комесарот за клима, нулта емисија и одржлив раст Вопке Хоекстра изјави: „Овој извештај ја засилува итната потреба ЕУ да ги задржи своите силни амбиции во однос на климата. Европа, како континент што трпи најбрзо затоплување, е непосреден сведок за уништувачкото влијание на климатските промени - најскоро преку големите шумски пожари што беснееја во текот на летото. Трошоците од недејствувањето се огромни, а климатските промени претставуваат директна закана за нашата конкурентност. Да се остане на курсот е од суштинско значење за заштитата на нашата економија.“
Извршната директорка на ЕЕА Лина Ила-Мононен изјави: „Не можеме да си дозволиме да ги намалиме нашите амбиции за климата, животната средина и одржливоста. Во нашиот извештај за состојбата на животната средина, изработен со соработка на 38 земји, јасно се наведуваат научните знаења и се укажува зошто треба да дејствуваме. Во Европската Унија имаме политики, алатки и знаење, како и децении искуство во заедничкото работење во насока на нашите цели за одржливост. Она што го правиме денес ќе ја обликува нашата иднина.“
Комплексни предизвици пред нас
Биодиверзитетот опаѓа во копнените, слатководните и морските екосистеми во Европа поради постојаните притисоци предизвикани од неодржливото производство и потрошувачка, кои најзабележливо се гледаат во системот на храна. Гледајќи во иднината, се очекува влошувањето на состојбата на биодиверзитетот и екосистемите во Европа да продолжи, при што договорените цели на политиките веројатно нема да бидат исполнети до 2030 година, се вели во извештајот.
Исто така, водните ресурси во Европа се под силен притисок, а притисокот врз водата влијае врз една третина од популацијата и територијата на Европа. Одржувањето здрави водни системи, заштитата на водните сливови и обезбедувањето обновување на подземните водни ресурси се од клучно значење за да се обезбеди идна отпорност на Европа во однос на водата, се вели во извештајот.
Во однос на климатските промени, Европа е континент што најбрзо се загрева на планетата. Климата се менува со алармантна брзина, заканувајќи им се на безбедноста, јавното здравје, екосистемите, инфраструктурата и економијата. Сѐ поголемата зачестеност и јачина на катастрофите поврзани со климата, како и сознанијата дека климата ќе продолжи да се менува и покрај амбициозните активности на Европа за ублажување, ја нагласуваат итната потреба за приспособување на европското општество и економија, со истовремено обезбедување никој да не остане назад.
Овие врвни предизвици повикуваат на потреба да се преиспитаат врските меѓу нашата економија и природната средина, земјата, водата и природните ресурси, се вели во извештајот. Само со обновување на природната средина во Европа ќе биде можно да се обноват конкурентната економија и високиот квалитет на живот на европските граѓани.
Унапредување и проширување на мерките
Итно се потребни трансформативни промени во системите за производство и потрошувачка — декарбонизирање на економијата, свртување кон циркуларност, намалување на загадувањето и одговорно управување со природните ресурси, се вели во извештајот. Политиките на ЕУ, вклучително и Зелениот договор, даваат јасни насоки кон одржливоста.
Во извештајот посебно се укажува на напорите за обновување на живеалиштата преку решенија засновани врз природата, со кои ќе се гради отпорност и ќе се помогне во ублажувањето на климатските промени и во активностите за адаптација. Исто така, се нагласува потребата за декарбонизирање на клучните економски сектори, особено транспортот, како и решавање на прашањата на емисиите од земјоделството. Зголемувањето на циркуларноста има потенцијал да ја намали зависноста на Европа од увозот на енергија и клучни суровини. Понатаму, со инвестирање во дигитална и зелена транзиција на индустријата, Европа може да ја зајакне продуктивноста и да стане глобален лидер во зелените иновации, развивајќи технологии за декарбонизација на индустриите каде што таа тешко се намалува, како што се индустријата за челик и цемент.
Северна Македонија е на јасен пат кон одржлив економски раст и заштита на животната средина, водена од својата цел за интеграција во ЕУ. Со усогласување на своите правни рамки со ЕУ acquis, земјата има добро дефинирана стратегија и долгорочни цели за благосостојба на луѓето и здрави екосистеми. Владата активно гради капацитети и ги зајакнува институциите за да ги олесни интересите на бизнисите и граѓаните во оваа транзиција.