Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес заедно со вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и директорот на Агенцијата за планирање на просторот, Александар Гелевски, се обратија на свечениот настан организиран по повод одбележувањето на 20 години од постоењето и работата на Агенцијата за планирање на просторот.
Свечениот настан, во чии рамки беше презентирана и видео-презентацијата „20 години континуитет“, беше посветен на континуитетот, развојот и значајната улога на Агенцијата во системот на просторно и урбанистичко планирање во нашата држава.
Во своето обраќање, заменик министерката Лашкоска истакна дека дваесетгодишниот јубилеј претставува значаен институционален момент кој ја потврдува улогата на Агенцијата како столб на стручност, професионализам и континуитет во управувањето со просторот, потенцирајќи дека корените на просторното планирање во државата датираат уште од 1970 година.
Таа нагласи дека со формирањето на Агенцијата во 2005 година се зајакнува институционалната рамка за изработка на просторните и регионалните планови и за донесување стратешки одлуки поврзани со користењето, развојот и заштитата на просторот, во рамки на тесна соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, во која во изминатиот период беа развиени современата Методологија за просторно планирање, Методологијата за интеграција на климатските промени, како и подготвителните документи за изработка на новиот Просторен план, усогласени со европските стандарди и најдобрите практики.
„Просторниот план не е само документ – тој е визија. Визија за рационално управување со ресурсите, за паметен регионален развој, за климатска отпорност, за модерна инфраструктура, зелени градови и здрава животна средина. Нашата прекрасна татковина не е само карта, туку жив и динамичен простор кој мора да го планираме мудро, одговорно и со јасна визија за иднината“, истакна Лашкоска.
Заменик министерката информираше дека државата се наоѓа во завршна фаза на подготовка на Нацрт-просторниот план, кој се очекува да биде целосно дигитализиран, геореференциран и функционален документ, што ќе овозможи ефикасно управување со промените во просторот и носење информирани и одржливи развојни одлуки.
Министерството за животна средина и просторно планирање ја потврдува својата стратешка заложба за унапредување на просторното планирање како клучна јавна политика, усогласена со европските стандарди и принципите на одржлив развој. Преку јакнење на институционалниот капацитет, примена на современи методологии и интеграција на климатските и еколошките аспекти во планерските процеси, се создава основа за паметен, балансиран и долгорочно одржлив територијален развој.
Со новиот Просторен план, како највисок стратешки документ за управување со просторот, нашата држава ја зацврстува својата подготвеност за усогласување со европските политики и практики, обезбедувајќи транспарентно, дигитализирано и одговорно планирање во интерес на граѓаните, економијата и животната средина.