Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Човекови права и животна средина: Нов поттик за институционална отчетност и пристап до правда

Човекови права и животна средина: Нов поттик за институционална отчетност и пристап до правда

 Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес во Скопје, заедно со и Заменичката на Народниот правобранител Соња Трифуновска, Заменичката на Постојаниот претставник на УНДП Ана Черниишова и Советничката за човекови права во Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права при ОН Татијана Темелкоска, дадоа воведни обраќања на конференцијата „Човекови права и животна средина – Унапредување на пристапот до правда и институционална одговорност“.

Настанот е во организација на УНДП, во соработка со Канцеларијата на Народниот правобранител и Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права (OHCHR), во рамките на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“, финансиран од Норвешката Амбасада преку глобалната програма на УНДП за владеење на правото.

Конференцијата се одржува по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права, обезбедувајќи платформа за дијалог и размена на искуства за улогата на еколошките права како составен дел од човековите права и потребата од нивно унапредување. Учесниците ги разгледуваа предизвиците во пристапот до информации, учество во процесите и пристап до правда во областа на животната средина, со акцент на институционалната отчетност и координација.

Во своето воведно обраќање, Заменик министерката Ане Лашкоска нагласи дека правото на здрава животна средина е уставно гарантирано основно човеково право и институционален императив, подвлекувајќи ја посветеноста на Министерството кон транспарентни, инклузивни и отчетни процеси во креирањето на политиките.

Преку панелите посветени на еколошката правда, мониторингот на еколошките црни точки и улогата на локалната самоуправа, конференцијата ги отвора клучните прашања за потребата од силни, координирани и проактивни институции. На настанот присуствуваа и бројни градоначалници, што дополнително ја нагласи важноста на локалната перспектива во креирањето ефективни и правични еколошки политики.

„Правото на здрава животна средина не е формална декларација – тоа е конкретна обврска што ја имаме кон секој граѓанин. Нашата цел е да изградиме систем во кој институциите реагираат навремено, работат координирано и се целосно отчетни. Само така можеме да обезбедиме доверба, правда и одржлива иднина во која секој човек може еднакво да ги оствари своите права.“

Министерството за животна средина и просторно планирање останува целосно посветено на јакнење на правната рамка, институционалната етика и практичната примена на политиките што обезбедуваат чиста, здрава и безбедна животна средина. Конференцијата носи нов импулс за системски унапредувања кои ги ставаат човековите права во центарот на еколошките политики и институционалните приоритети.

Мени за пристапност