Државите од Дримскиот Басен во нова фаза на соработка

Konferencija_drimskibasenПреставници од земјите вклучени во проектот „Дримски Басен“ ја одржаа Осмата конференција, на која е направен осврт на целокупниот процес за соработка за управувањето со Дримскиот Басен и беа дискутирани чекорите што се предвидуваат за во иднина. На ссостанокот е потврдена заложбата на државите, но и на останатите заинтересирани субјекти за заедничко одржливо управување со ресурсот и интегрирани напори за развој.

Проектот за управување со Дримскиот Басен промовира заедничко управување со споделените водни ресурси на прекуграничниот басен, вклучувајќи и развивање координативни механизми за управување со ресурсите на ниво на подбасени.

Преставниците на земјите од Дримскиот Басен и од меѓународните организации во регионот ги презентираа своите видувања за сегашната и идна соработка за управување со Дримскиот Басен, како и придонесот во спроведувањето на Дримскиот проект.

Каја Шукова, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, потенцираше дека имајќи ги предвид целите на Стратешката акциска програма и предложените мерки, Македонија силно поддржува можна нова фаза и нов проект за имплементација на Стратешката акциска проеграма за Дрим.

Герта Љубоња, генералниот директор на Албанската агенција за управување со водни ресурси посочи дека Албанија продолжува да биде посветена во работата за одржлив развој во Дримскиот Басен.

Генералниот секретар во грчкото Министерство за животна средина и енергија, Константинос Аравосис, од своја страна ја посочи важноста на координираното управување со Дримскиот Басен и го потенцираше значајниот напредок и реализираните достигнувања. Притоа, како пример ја посочи средбата на министерско ниво посветена на иницијативата за формирање заеднички тела за Преспанскиот басен, согласно Преспанскиот договор од 2000 година.

На состанокот одржан онлајн беа презентирани и постигнатите резутати во изминатите пет години во контекст на прекуграничната соработка преку активности поддржани од Дримскиот проект, како и перспективите за зајакнување на прекуграничната соработка, со отварање нови можности за решавање на заеднички идентфикуваните проблеми за заштита на уникатните хидролошки и биодиверзитетски вредности на Дримскиот Басен. Притоа е иницирана нова фаза низ која земјите од Дримскиот Басен ќе работат на имплементација на Стратешката акциска програма за Дрим.

Предизвиците со кој денес се соочува Дримскиот Басен, како дел од интегрираниот природен систем, се врзани со претерана експлоатација и загадување кои во комбинација со климатските промени ги слабее способностите на еко-системот за негово адаптирање и регенерирање.