Министерот Изаири на состанок на Извршнотo тело на Европскиот процес за здравје и животна средина

1(24.11.2015г.) Mинистерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, денеска, се обрати на отварањето на дводневниот состанок на Извршнотo тело на Европскиот процес за здравје и животна средина, на кој приоритетни беа темите за управување со ризиците од аерозагадувањето, управување со разните видови отпад, изградбата на отпорни урбани населби и справувањето со климатските промени.

- Во оваа прилика би ги одбележал нашите активности во областа на климатските промени каде се изготвени безмалку сите потребни стратешки документи и акциони планови на национално и дел на локално ниво. Исто така, посветено работиме и во областа на заштитата на квалитетот на воздухот, во која подолго време сме дел од Твининг програмите финансирани од ЕУ за подобрување на легислативата, мониторингот и инфраструктурата за управување со квалитетот на воздухот на национално и локално ниво, а во партнерство со Министерството за здравство се воспоставува и методологија за процена на здравствените ризици од аерозагадувањето. За жал, морам да истакнам дека и покрај тоа, аерозагадувањето претставува еден од најгорчливите здравствено-еколошки проблеми во државата – истакна министерот Изаири во своето обраќање.

Состанокот во Скопје беше организиран како дел од подготовките за следната VI министерска конференција за здравје и животна средина која ќе се одржи во 2017 година.

Со состанокот раководеше Проф. Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје, а свое обраќање имаше и заменик министерот за здравство, Јовица Андовски. На состанокот беа присутни преставници од областите за здравје и животна средина на 53-те земји членки на европскиот регион на Светската здравствена организација.