Доделени наградите за најдобрите фотографии од фото-конкурсот #Делувај Сега и најдобрите стории од натпреварот за медиуми Борба против климатските промени

10(20.11.2015) Денеска министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, амбасадорката на Република Франција, Лоренс Оер и постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон свечено ги доделија наградите на 20-те најдобри од првиот фото конкурс за климатски промени во државата, #Делувај Сега како и за двајца новинари за сторија на тема „Борба против климатските промени“.

Велосипеди и фото-камери беа доделени на две најдобри фотографии во секоја од десетте категории. Победниците беа селектирани врз база на лајкови на Фејсбук (50%) и врз база на гласови на интернационално жири (50%).

Фото-конкурсот # ДелувајСега беше повик до сите граѓани, активисти, вљубеници во природата и подржувачи на борбата за чиста животна средина, да ги искористат своите фотографски вештини за да ги фотографираат ефектите на климатските промени во било која од понудените десет категории: Климатските промени и водата, Климатските промени и здравството, Климатските промени и туризмот, Климатските промени и транспортот, Климатските промени и културното наследство, Климатските промени и шумите, Климатските промени и земјоделството, Климатските промени и природните катастрофи, Климатските промени и биодиверзитетот и Климатските промени и обновливите извори на енергија.

Овој фото конкурс беше организиран од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Француската Амбасада во Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, со цел да се подигне свеста за ефектите кои ги имаат климатските промени.

https://www.facebook.com/deluvajsega

Во конкурсот за медиуми на тема Борба против климатските промени се конкурираше во две категории- телевизии и печатени и електронски медиуми. Интернационално жири одбра по една најдобра новинарска сторија публикувана во периодот од 1 јануари до 31 октомври 2015г. во двете категории, за што на победниците Француската амбасада ќе им обезбеди студски престој во Франција.