Тирана, 18.02.2026 Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес го отвори Министерскиот форум за Коридорот 8, кој се одржа во Тирана со учество на делегации од домаќинот Албанија, Северна Македонија, Бугарија, Италија и од Романија, како и претставници од партнерски земји.
Форумот послужи како платформа на високо ниво за продлабочување на меѓудржавната соработка и за забрзување на развојот на Коридорот 8, како стратешка артерија за модерен транспорт, за економски развој и за регионална безбедност, истовремено зајакнувајќи ја интеграцијата и поврзаноста со главните европски коридорски мрежи.
Во своето обраќање, министерот Хоџа истакна дека Коридорот 8 е многу повеќе од инфраструктурен проект- тој претставува развојна визија што го поврзува Јадранското со Црното Море и создава нови мостови на соработка меѓу економиите и народите во регионот.
„Коридор 8 претставува трансформативна развојна оска со длабоко економско, геополитичко и еколошко значење“, истакна министерот Хоџа.
Тој нагласи дека унапредувањето на овој коридор е директен дел од агендата за европската интеграција, со што се зголемува конкурентноста на државата и се зајакнуваат врските со европските транспортни и енергетски мрежи.
Министерот потенцираше дека инфраструктурниот развој мора да оди паралелно со еколошката одговорност, со почитување на стандардите за заштита на животната средина и биодиверзитетот.
Форумот обедини претставници на јавни институции, европски институции, меѓународни финансиски институции и бизнис-заедницата, со цел унапредување на дијалогот за инвестиции, олеснување на трговијата и зголемување на конкурентноста долж Коридор 8, претворајќи го во нов мотор на развој и просперитет за регионот.