Скопје, 23.01.2026 Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари средба со амбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Н.Е. г. Кристоф Ле Риголер, на која беше разговарано за унапредување на билатералната соработка во областа на животната средина и поддршката за процесот на европска интеграција.
На средбата, министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Франција ѝ ја дава на државата, особено во спроведувањето на реформите и користењето на ИПА средствата. Тој истакна дека приоритет на Министерството е воспоставување одржлив систем за управување со цврст отпад и значајно унапредување на инфраструктурата за третман на отпадни води, во рамки на имплементацијата на Секторските оперативни програми за животна средина и климатска акција преку ИПА II и ИПА III.
Посебен акцент беше ставен на улогата на Француската агенција за развој и на регионалниот проект за еколошка правда, кои придонесуваат кон зајакнување на институционалните капацитети, меѓуинституционалната соработка и владеењето на правото во областа на животната средина.
Двете страни ја потврдија заложбата за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Франција, во духот на европските вредности, одржливиот развој и заштитата на животната средина.