На 22 јануари, заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, ја посети компанијата „КОСТАЛ Македонија“ во Охрид, со цел директен увид во имплементацијата на современи и одржливи индустриски практики во автомобилската индустрија.
Во рамки на посетата беше презентирана практичната примена на Решението за регистрација на секундарна суровина, со кое дел од отпадниот материјал што настанува во производствениот процес за лиење на пластични одливци за автомобилски делови во „КОСТАЛ Македонија“ ќе се користи како секундарна суровина и како составен дел во други индустриски процеси кај локални компании. На овој начин, отпадниот материјал добива нова вредност и функционална примена, наместо да биде отстранет како отпад.
Натамошната употреба на материјалот е целосно безбедна од аспект на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето, при што истиот може да се користи и без дополнителна преработка, бидејќи ги исполнува сите пропишани стандарди за квалитет. Со ова, „КОСТАЛ Македонија“, како најголем германски инвеститор од автомобилската индустрија во земјата, директно придонесува кон развојот на циркуларната економија преку рационално управување со ресурсите и нивна повторна употреба.
„Одговорноста на големите компании кон заедницата и природата мора да биде на највисоко ниво. Ваквите иновативни практики не само што ги исполнуваат законските обврски, туку и ги надминуваат, поставувајќи пример што треба да го следат сите странски и домашни инвеститори, без оглед на индустријата или локацијата на нивното работење. Министерството и надлежните служби остануваат целосно посветени на подигнување на стандардите и обезбедување институционална поддршка за иницијативи кои носат реална корист за животната средина и општеството“, истакна заменик министерката Лашкоска на состанокот со раководството на компанијата.
Директорот на „КОСТАЛ Македонија“, Виктор Мизо, нагласи дека одговорното управување со животната средина и усогласеноста со ESG стандардите претставуваат суштински дел од корпоративната визија на компанијата.
„Вистинската грижа за природата и животната средина, во согласност со ESG стандардите, за нас не е формална обврска, туку длабоко вкоренет принцип во нашата корпоративна култура. Истите вредности ги очекуваме и од нашите добавувачи и партнери. Усогласеноста со овие стандарди отвора дополнителни можности за финансирање, но сè почесто претставува и клучна конкурентска предност при обезбедување нови клиенти и проекти. И покрај бројните предизвици во индустријата, остануваме посветени на понатамошен развој во оваа област, при што ефикасната и професионална поддршка од институциите е од особено значење за инвеститорите“, изјави Мизо.
Во рамки на посетата, присутните имаа можност одблиску да се запознаат со напредните технолошки процеси за производство на делови за електрични и хибридни возила, како и со системите за селектирање и складирање на отпад и најсовремените механизми за ESG управување и транспарентно известување.
Со ваквите конкретни практики, „КОСТАЛ Македонија“ покажува дека современото индустриско производство може истовремено да биде технолошки напредно, економски одржливо и одговорно кон животната средина. Оваа иницијатива јасно потврдува дека циркуларната економија и ESG стандардите не се визија за утре, туку функционална реалност денес — каде што создавањето вредност оди рака под рака со намалувањето на отпадот. Токму ваквите примери ја потврдуваат клучната улога на партнерството меѓу институциите и одговорните инвеститори, како двигател на зелената трансформација и долгорочниот, одржлив развој на земјата.