Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, градоначалникот на Општина Чучер Сандево Зоран Бајовски и градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски, денес извршија увид во текот на реализацијата на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води во КО Кучевиште – м.в. Бара, Општина Чучер Сандево.
Проектот се реализира согласно предвидената динамика. Работите започнаа на 15 октомври 2025 година, а изведувач е „Вардарградба“ ДОО Скопје, со стручен надзор од „Филиан“ ДООЕЛ Скопје.
Досега се изведени подготвителни и земјани работи, партерно уредување, поставување геотекстил и тампонски слој, како и армирано-бетонска темелна плоча на објектот. Во тек се и работите на подземниот објект со груба решетка и препумпна станица, како и на егализациониот базен.
Овој значаен инфраструктурен проект има за цел да обезбеди подобра инфраструктура, поквалитетни услуги и почиста и посигурна животна средина за сите граѓани, со што ќе се унапредат условите за живот на локалното население и ќе се зајакне заштитата на природните ресурси и животната средина.
„Со изградбата на пречистителната станица во Чучер Сандево инвестираме околу 70 милиони денари – инвестиција која значи континуирана надградба и унапредување на системите за третман на отпадни води, зајакнување на инфраструктурата на локално и национално ниво и поздрава животна средина, со што придонесуваме за одржлив, сеопфатен и рамномерен развој на нашата држава, следејќи ги потребите на граѓаните. Денешниот увид потврди дека проектот се реализира согласно предвидената динамика и дека сме на добар пат кон негова успешна реализација, за подигнување на квалитетот на животот на граѓаните“, изјави заменик министерката Лашкоска.
Со вложувања во современи системи за отпадни води, државата продолжува да гради долгорочни решенија кои гарантираат чиста вода, здрава животна средина и повисок квалитет на живот за сегашните и идните генерации.