Струга 05.03.2026 Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска направи увид во неколку проекти во Струга, заедно со градоначалникот на Струга, Менди Ќура и директорите на јавните претпријатија, како и заменик-министерката за транспорт и врски, Калтрина Зеколи Шаќири.
„Денеска во Струга го покажуваме нашиот „Зелен пресврт“ на дело, преку создавање на трајни системи а не со привремени решенија. Инвестираме во три клучни проекти кои значат поквалитетен живот за стружани и трајна заштита на Охридското езеро: поотпорен и безбеден водоводен систем, пат со пешачка патека и продолжување на изградбата на колекторскиот систем Радожда-Калишта. Здравјето на стружани и заштитата на животната средина мора да одат рака под рака.“ изјави министерот за животна средина, Муамет Хоџа по увидот во реконструкцијата на водоводната мрежа во градот. Со овој капитален проект, кој започна минатото лето, се заменуваат дотраените азбест-цементни цевки со современи и безбедни материјали, со што се намалуваат техничките загуби и се зајакнува стабилноста на системот.
Во однос на заматувањето на водата поради нелегални активности кај изворите, министерот истакна дека институциите веќе постапуваат и дека одговорност мора да има. Тој нагласи дека водните ресурси се стратешко богатство и дека случајот е јасен сигнал за потребата од зајакнување на контролата и нивната заштита.
Посетата продолжи со означување на почетокот на изградбата на пат со пешачка патека во градот, инвестиција што придонесува за уредување на јавниот простор и подобрување на условите за рекреација и безбедно движење на граѓаните.
„Недозволиво е граѓаните да пијат вода од стари азбестни цевки, затоа со 90 милиони денари градиме современа водоводна мрежа. Истовремено, продолжуваме со изградбата на Колекторскиот систем Радожда-Калишта, машините се веќе на терен и градежните работи активно продолжуваат. Ова е суштината на нашиот пристап – наместо изговори за стопирани проекти, нудиме конкретни дела, чиста вода и заштитено езеро за идните генерации“ истакна министерот Хоџа.
На крајот од посетата на Хоџа во Струга, беше извршен увид во изградбата на колекторскиот систем Радожда–Калишта. По прекинот заради обезбедување на потребните одобренија, градежните активности продолжуваат согласно утврдената динамика. Проектот претставува значајна инвестиција во заштитата на Охридско Езеро и е дел од поширокиот системски пресврт кон долгорочно зачувување на животната средина и одржлив развој на регионот.