Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Усвоена Регионалната стратегија за зачувување на Балканскиот рис

Усвоена Регионалната стратегија за зачувување на Балканскиот рис

  Во рамки на Петнаесеттиот состанок на Конференцијата на страните на Конвенцијата за зачувување на миграторните видови диви животни (CMS COP15), што се одржува во Кампо Гранде, Федеративна Република Бразил, Комитетот на земјите членки ја усвои Регионалната стратегија за зачувување на Балканскиот рис.

Овој стратешки документ е резултат на заеднички, инклузивен и стручно воден процес на регионална соработка, реализиран од надлежните институции за заштита на природата од Северна Македонија, Албанија, Косово (UNSCR 1244/99), Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија и Грција, со поддршка и координација на Програмата на Обединетите Нации за животна средина (UNEP/Секретаријат на Карпатската конвенција), IUCN Cat Specialist Group и Програмата за закрепнување на Балканскиот рис (BLRP), во партнерство со релевантни национални и меѓународни организации и експерти.

Во таа насока, на 24 март, Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со своите партнери, организираше висок настан на тема „Зајакнување на прекуграничната соработка за зачувување на Балканскиот рис“, со цел унапредување на политичкиот дијалог и поттикнување на координирани регионални активности.

Усвојувањето на Стратегијата претставува значаен чекор во насока на зајакнување на регионалната соработка и воспоставување на долгорочна, кохерентна и одржлива рамка за зачувување на Балканскиот рис, како еден од критично загрозените видови во Европа. Истовремено, се потврдува заедничката определба за усогласување на јавните политики, јакнење на институционалните капацитети и продлабочување на прекуграничната координација.

Министерството за животна средина и просторно планирање изразува особена благодарност до сите партнери, дипломатските претставништва и Амбасадата на Република Северна Македонија во Бразил, институциите и поддржувачи за нивниот висок степен на посветеност, стручност и континуирана поддршка, кои беа од суштинско значење за успешната подготовка и усвојување на Регионалната стратегија за зачувување на Балканскиот рис.

Мени за пристапност