Скопје, 29.01.2026 Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари средба со Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија, на која беше разговарано за напредокот во усогласувањето со европските политики за животна средина и клима, како и за спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан.
На средбата, министерот Хоџа истакна дека Северна Македонија вложува значителни напори за усогласување на законодавството и институционалните системи со правото и политиките на Европската Унија, преку интензивни законодавни активности, јакнење на административните капацитети и реализација на значајни инвестиции во инфраструктура и нови технологии.
Посебен акцент беше ставен на Поглавјето 27-Животна средина и климатски промени, кое претставува едно од клучните поглавја со најголем финансиски импакт во процесот на пристапните преговори. Министерот нагласи дека успешното спроведување на обврските не е можно без континуирана поддршка од Европската Унија, која преку ИПА програмите, Инвестициската рамка за Западен Балкан и Планот за раст останува клучен партнер на државата.
Европската Унија е најголем донатор и најзначаен сојузник на Северна Македонија во унапредувањето на европските стандарди за заштита на животната средина. Фокусот на реформите останува насочен кон управувањето со водите, управувањето со отпадот и подобрувањето на квалитетот на воздухот, области кои бараат силна координација меѓу централната и локалната власт, како и активно учество на јавноста.
Во рамки на разговорот беше истакнато дека спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан е стратешки приоритет на Владата. Министерот Хоџа потсети дека Владата го усвои Националниот акциски план за Зелената агенда за периодот 2025–2027, со што Северна Македонија стана прва земја во регионот со ваков документ изработен според иновативна методологија.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, со цел успешно спроведување на реформите, ефективно користење на европските фондови и забрзување на процесот на европска интеграција во областа на животната средина и климатските политики.