Во Мониторинг станицата во Стење, општина Ресен, денес се одржа вториот редовен состанок на Управувачкиот комитет за Паркот Преспа, со учество на номинираните членови на работните тела согласно Договорот за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа, ратификуван во 2019 година.
Нашата држава претседаваше со состанокот, на кој беше разгледан и дискутиран ревидираниот Стратешки акциски план за Паркот Преспа 2025–2030, со фокус на понатамошно унапредување на управувањето и заштитата на исклучително значајниот прекуграничен природен простор.
На состанокот беа донесени следниве заклучоци:
· Следни активности за реализација на Договорот за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа, вклучително и имплементацијата на ревидираниот Стратешки акциски план;
· Ротирачко претседавање со работните тела: по предлог на претставниците на Република Грција, РС Македонија ја прифати улогата на претседавач и во 2026 година;
· Зајакнување на прекуграничната соработка со цел одржлив развој, унапредување на биодиверзитетот и заштита на уникатниот екосистем на Паркот Преспа.
Заклучоците од состанокот претставуваат важен импулс за понатамошно унапредување на заштитата на Преспанскиот регион. Нашата држава останува посветена на стабилна и конструктивна прекугранична соработка, која ќе овозможи спроведување на долгорочни решенија за зачувување на природните ресурси и одржлив развој на локалните заедници. Преспа, како уникатен екосистем од регионално и европско значење, останува заедничка одговорност и заедничка можност – да се гради простор во кој природата, науката и локалниот развој се движат напред, во иста насока.