Скопје 23.04.2026 Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес претседаваше со првиот состанок на Советодавниот одбор за паметно управување со отпадот од пакување, кој се одржа во просториите на Амбасадата на Швајцарската Конфедерација во Скопје.
Состанокот го отвори Н.Е. Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарската Конфедерација, а на него присуствуваа и активно учествуваа министерот за локална самоуправа Златко Перински, како и извршниот директор на Пакомак, Филип Ивановски, заедно со претставници на институциите и партнерските организации.
Во своето обраќање, заменик министерката Лашкоска истакна дека управувањето со отпадот од пакување повеќе не е само техничко прашање, туку суштински дел од пошироката заложба за одржлив развој, циркуларна економија и усогласување со европските стандарди.
„Начинот на кој управуваме со отпадот од пакување претставува темел на нашата заложба за модерна и одговорна еколошка политика. Нашата цел е да изградиме систем кој е самоодржлив, модерен, инклузивен и целосно усогласен со законодавството на Европската Унија, особено во делот на проширената одговорност на производителите“, нагласи Лашкоска.
Формирањето на Советодавниот одбор претставува значаен исчекор кон воспоставување на поцврст, потранспарентен и поефикасен систем на управување со отпадот од пакување. Преку овој механизам се зајакнува институционалната координација, се поттикнува поголема одговорност кај сите засегнати страни и се создава основа за долгорочни и одржливи решенија во согласност со европските практики и принципите на циркуларната економија.
Посебна благодарност беше упатена до Владата на Швајцарија за нејзината континуирана, стратешка и искрена поддршка во сите фази од развојот на овој процес. Лашкоска нагласи дека швајцарската помош претставува пример за вистинско партнерство, каде меѓународната соработка се претвора во конкретни резултати на терен — преку зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на координацијата и создавање функционален систем кој носи реални придобивки за граѓаните и животната средина.
Особено беше истакната и улогата на Пакомак како пионер во спроведувањето на системот на проширена одговорност на производителите во државата, чија експертиза и оперативен капацитет, претставуваат важен ресурс во оваа транзиција.
Советодавниот одбор, кој е воспоставен во соработка со Амбасадата на Швајцарија и Пакомак, има за цел да обезбеди стратешко насочување, подобра координација меѓу институциите и усогласување на националните политики со европските стандарди и принципите на Европскиот зелен договор .
„Градењето на модерен систем за управување со отпад не е само управување со отпадот — тоа е обликување на иднината во која сакаме да живееме. Нашата визија е јасна: систем што ќе носи реални еколошки и економски придобивки за граѓаните, ќе ја намали зависноста од депонии, ќе ги зголеми стапките на рециклирање и ќе создава зелени работни места“, порача Лашкоска.
Министерството за животна средина и просторно планирање останува силно посветено на изградба на функционален, транспарентен и европски усогласен систем за управување со отпад, во кој одржливоста не е само политика — туку долгорочна институционална и општествена одговорност.