Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Меѓуопштинската соработка – клучен механизам за ефикасна заштита на животната средина и подобри услуги за граѓаните

Меѓуопштинската соработка – клучен механизам за ефикасна заштита на животната средина и подобри услуги за граѓаните

Скопје, 30.03.2026 Меѓуопштинската соработка претставува еден од клучните системски механизми за унапредување на управувањето со животната средина и за обезбедување квалитетни, ефикасни и одржливи услуги за граѓаните на локално ниво. Ова беше истакнато на консултативниот настан „Унапредување и зајакнување на меѓуопштинската соработка во локалната самоуправа“, кој се одржа денеска во Скопје, во организација на Министерството за локална самоуправа, со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Владата на Швајцарија.

Во рамки на настанот кој го отвори министерот за локална самоуправа Златко Перински, беше потенцирано дека еколошките предизвици – загадувањето на воздухот, управувањето со отпад, заштитата на водите и справувањето со ризиците од поплави – не познаваат административни граници и бараат координиран, регионален и системски пристап. Во таа насока, меѓуопштинската соработка се наметнува како неопходен инструмент за надминување на ограничените финансиски, технички и кадровски капацитети на општините.

Особено беше нагласено дека во областа на управувањето со отпад, меѓуопштинската соработка веќе претставува законска обврска, преку воспоставување на регионални системи за управување со отпад, современа инфраструктура и регионални депонии согласно европските стандарди. Овој пристап овозможува поефикасно и економски оправдано управување со отпадот, со директни придобивки за животната средина и квалитетот на живот на граѓаните.

Во дискусиите беше истакнато и дека еден од најголемите предизвици на локално ниво е недоволниот инспекциски капацитет, при што значителен број општини немаат назначено инспектор за животна средина. Во тој контекст, меѓуопштинската соработка отвора можности за формирање на заеднички инспекциски служби, спроведување координирани надзори и поефикасно користење на ресурсите.

Настанот отвори и прашања за понатамошно унапредување на правната рамка, со цел појасно дефинирање на областите во кои меѓуопштинската соработка треба  во некои случаи да биде задолжителна, како и воспоставување на поефикасен систем на надзор и координација, вклучително и од страна на ресорните институции.

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, учествуваше на настанот како панелист и истакна дека меѓуопштинската соработка не треба да се гледа како опција, туку како неопходен систем за управување со современите еколошки предизвици:

„Животната средина не познава административни граници, а затоа и решенијата мора да бидат заеднички. Преку зајакнување на меѓуопштинската соработка создаваме поефикасни системи, ги оптимизираме ресурсите и обезбедуваме реални придобивки за граѓаните. Нашата визија е јасна – функционален, координиран и европски усогласен систем за управување со животната средина, во кој општините ќе делуваат како партнери, а не изолирани единици.“

Министерството за животна средина и просторно планирање останува посветено на јакнење на институционалната координација и поддршка на локалните самоуправи во воспоставување функционални, одржливи и европски усогласени системи за управување со животната средина, во интерес на подобар квалитет на живот за сите граѓани.

Мени за пристапност