Гостивар, 26.06.2026 - Во Гостивар денес се одржа Инфо ден посветен на LIFE програмата - главниот финансиски инструмент на Европската Унија за поддршка на проекти во областа на животната средина, климатските промени, заштитата на природата и чистата енергија.
Настанот беше организиран од Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Општина Гостивар, а присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, и градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани.
Во своето обраќање, министерот Хоџа истакна дека нашата земја е првата во регионот што го потпишала Договорот за учество во LIFE програмата, со што се отворија нови можности за финансиска и техничка поддршка на проекти во областа на животната средина и климатските промени.
На LIFE Инфо-денот беа презентирани актуелните повици и можности за аплицирање во рамки на програмата LIFE. Настанот обедини претставници на институциите, локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и експертската заедница, со цел поттикнување нови партнерства и развој на квалитетни проекти за одржлив развој и заштита на животната средина.