Скопје, 16.03.2026 Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес во Скопје учествуваше, како панелист, на настан посветен на унапредување на улогата на жените во развојот на технологии со ниски емисии и одржливи решенија.
Настанот се одржа во Центарот „ИНОКС“ во Скопје и обедини претставници од институциите, академската заедница, приватниот сектор и граѓанските организации. Целта беше да се поттикне поголема вклученост на жените во развојот на зелените технологии, климатските политики и иновациите поврзани со енергетската трансформација.
Во своето обраќање, Лашкоска нагласи дека зелениот развој претставува повеќе од еколошка обврска, тој отвора нови можности за економски и професионален напредок.
„Зелениот развој создава нови професии, нови знаења и нови перспективи. Заедничка одговорност на сите нас е да обезбедиме овие можности да бидат достапни за сите, особено за младите девојки и жени кои сакаат со своето знаење и креативност да придонесат во создавањето на одржливи решенија и иновации,“ истакна Лашкоска.
Таа посочи дека за постигнување на успешна зелена трансформација неопходна е посилна соработка меѓу институциите, образовниот систем и деловната заедница, со цел подобро усогласување на образованието со потребите на пазарот на труд.
„Потребно е да изградиме средина во која девојките и жените ќе имаат еднаков пристап до образование, обуки и професионален развој во областа на зелените технологии. Кога ќе им се овозможи пристап до знаење, иновации и лидерски позиции, тие стануваат важен двигател на одржливите промени во општеството,“ додаде Лашкоска.
Во рамките на настанот се одржаа повеќе панел-дискусии посветени на улогата на жените во климатските политики, како и на можностите за развој на зелено претприемништво и одржливи иницијативи, особено во областите на туризмот, локалниот развој и иновациите.