Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Ане Лашкоска, денес во Скопје во рамки на панел дискусиите, говореше на конференцијата „Green Talks: Младински перспективи за Зелената агенда“. Денешната конференција е во организација на „Националниот младински совет на Македонија (НМСМ)“ и МЖСПП, а се одржува во рамки на проектот „Младинска лабораторија на Западен Балкан“, кој е имплементиран од Регионалниот совет за соработка (RCC) и финансиран од Европската Унија.
Настанот, ја потенцираше клучната улога на младите во прифаќањето и обликувањето на зелените политики и создаде широк простор за дијалог и промовирање на идеи, мислења и визии, меѓу институциите, младите и граѓанскиот сектор. Во рамки на програмата беше промовиран и „Прирачникот за еколошки младински активизам“, како алатка за поактивно и системско вклучување на младите во процесите за креирање на политики, за справување со климатските предизвици.
„Младите секогаш се двигатели на промените и нивната енергија, визија, идеи и мислење, кои јас високо ги ценам и почитувам, се клучни за успешно спроведување на Зелената агенда. Министерството за животна средина и просторно плaнирање ќе продолжи да создава простор за нивно активно учество и партнерство во заедничкото креирање на одржливи политики. Во таа насока, ја нагласуваме нашата посветеност за продлабочување на соработката со „Националниот младински совет на Македонија“ и заедничко градење на зелена и поодржлива иднина во нашата татковина, и имплементација на инклузивни, целосно применливи и одржливи политики на ниво на целата држава,“ изјави заменик министерката Ане Лашкоска.
Конференцијата ја потврди заложбата за заедничко и координирано делување помеѓу Владата и младинските организации, со цел создавање на одржливи системски решенија кои ќе ја приближат нашата држава до целите на Зелената агенда.