Охрид, 18 март 2026 Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денеска учествуваше на традиционалната манифестација „Денови на АДКОМ – Денови на комунални услуги“, организирана од АДКОМ, Здружението на даватели на комунални услуги.
Настанот обедини претставници од комуналниот сектор од целата држава и послужи како платформа за размена на искуства, идеи и визии за унапредување на услугите, во согласност со тековните реформски процеси и европските стандарди.
Во рамки на програмата се одржаа панел-дискусии на кои се отворија клучни прашања за иднината на секторот, вклучително и моделите за кластеризација на водните услуги како средство за зголемување на ефикасноста и институционалниот капацитет, како и предизвикот со недостигот на стручен кадар и потребата од системско вложување во човечки ресурси.
Во своето обраќање, Лашкоска нагласи дека реформите во водниот сектор се суштински предуслов за обезбедување квалитетни, достапни и одржливи услуги за граѓаните. Таа посочи дека модернизацијата подразбира интегриран пристап – од институционално зајакнување и финансиска стабилност, до поефикасно користење на европските фондови.
„Реформите во водниот сектор се дел од нашите обврски во процесот на европска интеграција и усогласување со европското законодавство. За таа цел, неопходни се структурни промени, јакнење на институциите и постепена регионализација на услугите. Кластеризацијата ја препознаваме како важен механизам за создавање стабилни и одржливи оператори, кои ќе можат да управуваат со инвестиции и да обезбедат повисок квалитет на услуги“, истакна Лашкоска.
Таа додаде дека ваквиот пристап ќе овозможи подобра искористеност на средствата од европските финансиски инструменти и ќе придонесе за изградба на модерен и отпорен комунален систем.
Настанот беше искористен и за продлабочување на соработката меѓу институциите, локалните самоуправи и давателите на услуги, со цел креирање заеднички решенија за актуелните предизвици во секторот.
Министерството за животна средина и просторно планирање останува посветено на реформите како дел од пошироката зелена агенда и европската интеграција, со фокус на создавање ефикасен, одржлив и граѓански ориентиран систем на комунални услуги.