Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

ЕУ за чист воздух: Конкретни мерки за почист воздух и поздрава животна средина

ЕУ за чист воздух: Конкретни мерки за почист воздух и поздрава животна средина

Скопје, 5 октомври 2026  Во Министерството за животна средина и просторно планирање денеска се одржа петтиот состанок на Управниот комитет на проектот „ЕУ за чист воздух“, на кој беше презентиран напредокот во реализацијата на активностите и плановите за следниот период.

Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска ја истакна важноста на проектот како значајна поддршка во борбата против аерозагадувањето и во исполнувањето на европските стандарди.

„Нашата цел е јасна, почист воздух, поздрава животна средина и подобар квалитет на живот за сите граѓани. Продолжуваме со конкретни мерки и инвестиции, заедно со нашите европски партнери, со несмалено темпо“, истакна Лашкоска, додавајќи дека проектот е од особено значење за Министерството и напорите во борбата против загадувањето на воздухот.

Менаџерот на програмата за животна средина и климатски промени во Делегацијата на ЕУ, Жан-Франсоа Море, и директорката на УНОПС, Микела Телатин, изразија задоволство од досегашната реализација и постигнатите резултати од проектот.

Проектот „ЕУ за чист воздух“ опфаќа пет клучни компоненти: унапредување на системите за греење во 70 јавни објекти, набавка на 6 автобуси на компримиран природен гас за Град Скопје, засадување 6.000 садници во Скопје, Куманово, Тетово и Битола, физибилити студија за проширување на топлификациониот систем во Скопје и набавка на опрема за мониторинг и анализа на квалитетот на воздухот, како и зајакнување на капацитетите на Централната лабораторија за животна средина.

Од вкупно 70 објекти, во 21 објект целосно се заменети системите за греење, во 19 објекти работите се во тек, а за дополнителни 30 објекти е завршена проектната документација. Реализацијата на овие активности е планирана да започне на почетокот на 2027 година.

Проектот, со вкупен буџет од 10 милиони евра, финансиран од Европската Унија и спроведен од Канцеларијата на ОН за проектни услуги - УНОПС, донесе конкретни резултати и во други области. Шест автобуси на компримиран природен гас се предадени на Град Скопје, засадени се 6.000 садници во Скопје, Куманово, Тетово и Битола, а завршена е и физибилити студијата за проширување на мрежата на топлификациониот систем во Скопје.

Дополнително, зајакнати се капацитетите за следење на квалитетот на воздухот преку набавка и инсталација на современа опрема за Централната лабораторија за животна средина, вклучително и инструменти за мерење на BTEX, наменети за три мониторинг-станици од Државната мрежа во Скопје и Тетово, како и прецизна микроаналитичка вага за потребите на Централната лабораторија.

Со продолжувањето на активностите, Министерството за животна средина и просторно планирање останува посветено на спроведување на конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето и создавање почиста и поздрава животна средина за сите граѓани.

Мени за пристапност