Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Заеднички чекори кон одржливо финансирање на биодиверзитетот

Заеднички чекори кон одржливо финансирање на биодиверзитетот

Со присуство на над 50тина претставници од ресорните министерства, националните институции, јавниот и приватниот сектор, граѓанските организации и експертската заедница, се одржа валидациска работилница во рамки на Иницијативата за финансирање на биодиверзитетот (BIOFIN).

Во воведниот дел се обратија заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, заменик-министерот за финансии Никола Јанкуловски, Даме Димитровски Претседателот на советот на Град Скопје и посебен советник на Претседателот на Владата  и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, испраќајќи порака за важноста од силна меѓуинституционална соработка и заедничка посветеност кон унапредување на финансирањето на биодиверзитетот.

“Во изминатиот период МЖСПП имаше значаен прогрес и спроведува активности за валоризација или ревалоризација на природните вредности на заштитени подрачја, прогласување на заштитени подрачја и природни реткости, подготвивме нов Закон за природата, а тековно се имплемементираат активностите од Националната стратегија за заштита на природата со Акционен План (2017-2027) и како изработка на нова Националната стратегија за биолошка разновидност која е во согласност со Глобаланата рамка за биодиверзитет“,  истакна заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска.

Фокусот на работилницата беше на презентирање, разгледување и формално валидирање на клучните анализи и наоди, Политичко-институционалниот преглед (PIR), Прегледот на трошоците за биодиверзитет (BER), Проценката на финансиските потреби (FNA) и Планот за финансирање на биодиверзитетот.

Посебно значење има институционалната координација и усогласувањето на наодите со Националната стратегија за биолошка разновидност и Акцискиот план (NBSAP), Глобалната рамка за биодиверзитет (GBF), Целите за одржлив развој (SDGs), процесот на пристапување кон ЕУ и националниот буџетски процес.

„ Успешното спроведување на BIOFIN бара координиран пристап и активна вклученост на Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање, другите надлежни институции, приватниот сектор и меѓународните партнери. Очекувам денешната валидациска работилница да биде можност за конструктивна дискусија, размена на мислења и разгледување на конкретни предлози и препораки“,  потенцираше заменик-министерот за финансии Никола Јанкуловски.

На работилницата беа разменети мислења за точноста и целосноста на податоците, институционалните надлежности, финансискиот јаз и можностите за мобилизирање нови и иновативни финансиски механизми за заштита на природата.

Валидираните наоди и препораки ќе претставуваат важна основа за понатамошно унапредување на националните стратешки документи и подготовката на Планот за финансирање на биодиверзитетот, со цел создавање услови за одржлив и природно-позитивен развој на нашата држава.

„Зелените инвестиции не се обврска на приватниот сектор, но се добра можност за вклучување во една ваква важна иницијатива.Државата не може сама да ги финансира овие заложби, затоа вклучувањето на приватниот капитал е од витално значење”, истакна Претседателот на Советот на Град Скопје и посебен советник на Претседателот на Владата, Даме Димитровски.

„Кога ја започнавме иницијативата BIOFIN претходно оваа година, се водевме од едно начело: најпрво докази, потоа решенија. Денес, заеднички ги разгледуваме и проверуваме добиените наоди, со цел тие да ги одразуваат националните приоритети и да станат цврста основа за понатамошно планирање и финансирање на заштитата на природата. Ова претставува значаен чекор во напорите за заштита на биолошката разновидност во Северна Македонија и исполнување на обврските на земјата согласно Глобалната рамка за биолошка разновидност“,заклучи Постојаниот претстаник на УНДП во државата, Армен Григорјан.

Програмата GEF Global Umbrella Program for Developing National Biodiversity Finance Plans, која ја спроведува УНДП преку Иницијативата за финансирање на биодиверзитетот (BIOFIN) во партнерство со ресорните министерства, има за цел да поттикне трансформативен процес за унапредување на финансирањето на биодиверзитетот преку подготовка на План за финансирање на биодиверзитетот (BFP), заедно со придружните стратешки документи.

Мени за пристапност