Скопје, 24.03.2026 Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа денеска оствари работна средба со претставници на Македонско еколошко друштво, посветена на унапредување на активностите за заштита на загрозените видови и зачувување на биодиверзитетот.
На средбата со Робертина Брајаноска, извршна директорка на друштвото, и Диме Меловски, раководител на Програмата за диви видови, во фокусот на разговорите беше потребата од посилна институционална поддршка, како и интензивирање на прекуграничната соработка со Албанија и Косово, со оглед на тоа што дел од популацијата на балканскиот рис се движи и надвор од границите.
Претставниците на друштвото му подарија на министерот фотографии од балкански рис, документиран на двете страни од границата. Фотографиите ќе бидат поставени во Министерството како симболичен потсетник за важноста од регионален пристап во заштитата на природното наследство.
Министерот Хоџа ја истакна определбата на институцијата за продлабочување на соработката со граѓанскиот сектор и релевантните партнери, со цел поефикасна заштита на биодиверзитетот и одржливо управување со природните ресурси.