Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Со поддршка од ЕУ, поставени темелите за регионално управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион

Со поддршка од ЕУ, поставени темелите за регионално управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион

  Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со проектниот конзорциум ENVIROPLAN S.A. (лидер) – WEGlobal, денеска во Скопје ја одржа завршната работилница од проектот „Поддршка на имплементацијата на регионалните системи за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион (NEAR/SKP/2022/EA-RP/0137)“, финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата, со што формално беше означено завршувањето на имплементацијата на проектот.

На отворањето на настанот, поздравни обраќања имаа заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, и  раководител на секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Штефан Худолин, при што беше истакната стратешката важност на проектот за воспоставување интегриран, одржлив и со европските стандарди усогласен систем за управување со отпад на регионално ниво.

Целта на работилницата беше да се презентираат целите на проектот, клучните активности и постигнатите резултати, како и да се отворат дискусии за следните чекори во насока на целосна имплементација на регионалните системи за управување со отпад во двата плански региони, во согласност со европското законодавство и Зелената агенда за Западен Балкан. Проектот претставува клучен предуслов за премин од фрагментирани кон системски решенија во управувањето со отпадот.

Во своето обраќање, заменик министерката Лашкоска нагласи дека проектот претставува значаен исчекор од планови кон реализација:

„Овој проект покажува дека европските политики не остануваат само на хартија, туку се преточуваат во конкретни и мерливи резултати на терен – преку зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на инфраструктурата и создавање услови за одржливо управување со отпад.“

Таа додаде дека реализираните активности создаваат стабилна основа за следната фаза:

„Со овој проект ги поставуваме темелите за воспоставување функционални регионални системи за управување со отпад, со јасна визија за нивна изградба и практична имплементација, во интерес на граѓаните и животната средина.“

Проектот, кој се спроведуваше во период од 24 месеци, опфати изработка на стратешки и технички документи, студии за влијание врз животната средина, зајакнување на капацитетите на општините и јавните комунални претпријатија, како и набавка на возила и контејнери за сите 18 општини во Источниот и Североисточниот регион. Со проектните активности, особено во Источниот регион, беа затворени и критични и нестандардни локации, со што беше даден јасен придонес кон намалување на дивите депонии и унапредување на еколошките стандарди.

Проектот претставува значаен придонес во процесот на усогласување со законодавството на Европската Унија во областа на животната средина и е составен дел од спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан, како и од националните напори за воспоставување одржливи и модерни системи за управување со отпад.

Министерството за животна средина и просторно планирање со јасна визија продолжува од проекти кон целосна имплементација – воспоставувајќи функционални, одржливи и со европските стандарди усогласени регионални системи за управување со отпад, како трајно решение во интерес на граѓаните и животната средина.

Мени за пристапност