Министерството за животна средина и просторно планирање и Делегацијата на Европската Унија, заедно со компанијата LOUIS BERGER и партнерите од конзорциумот (FICHTNER GmbH & Co. KG, PLANET S.A. и ENOVA d.o.o.), денеска во Скопје одржаа иницијален состанок со кој официјално беше најавен почетокот на проектот „ЕУ поддршка за воспоставување на регионален систем за управување со отпад во Скопскиот регион“, целосно финансиран од Европската Унија преку ИПА III програмата.
На отворањето на настанот, покрај заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, присуствуваа и претставници на Делегацијата на Европската Унија, Гдин Албу, Г-ѓ Зенделска, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, потпретседателот на ЗЕЛС Изет Меџити, директорката на Центарот за развој на Скопскиот плански регион Розета Арсовска, директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Драги Митковски, директорот на ЈП депонија „Дрисла“ Стефче Трпковски, како и претставници на имплементацискиот конзорциум.
Во своето обраќање, заменик министерката Лашкоска нагласи: „Воспоставувањето на регионални системи за управување со отпад е еден од клучните приоритети на Министерството за животна средина и просторно планирање и суштински дел од нашите обврски во процесот на усогласување со законодавството на Европската Унија. Со овој проект, со силна поддршка од Европската Унија, продолжуваме кон создавање интегриран, самоодржлив и функционален систем за управување со отпад во Скопскиот регион, кој ќе обезбеди повисоки еколошки стандарди, подобра заштита на животната средина и повисок квалитет на живот за граѓаните,“ истакна Лашкоска.
Проектот ќе се реализира во период од 36 месеци, со вкупна вредност од околу 5 милиони евра, и ќе се фокусира на подготовка на целокупната планска и техничка документација за воспоставување интегриран регионален систем за управување со отпад, јакнење на капацитетите на регионалните и локалните институции, како и спроведување активности за подигање на јавната свест за правилно управување со отпадот.
Во проектот ќе бидат активно вклучени Центарот за развој на Скопскиот плански регион, Град Скопје, јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Дрисла“, ЗЕЛС, како и сите општини во Скопскиот плански регион, со цел воспоставување одржлив и функционален систем во интерес на граѓаните и животната средина.
Министерството за животна средина и просторно планирање, со континуирана поддршка од Европската Унија, останува цврсто посветено на спроведување на реформите во секторот управување со отпад и на воспоставување современи, европски решенија за почиста и поздрава животна средина.