Скопје, 13.05.2026 Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска одржа редовен медиумски брифинг со новинарите, на кој беа презентирани актуелните активности на Министерството во делот на законодавството, заштитата на природата, дигитализацијата и решавањето на долгогодишните еколошки проблеми.
Министерот Хоџа информираше дека Законот за природа веќе е поставен на ЕНЕР и е отворен за коментирање, по што ќе следуваат и јавни расправи. Со неговото донесување се очекува зајакнување на системот за заштита на природата, подобро управување со природните ресурси и усогласување со европските директиви и меѓународните обврски на државата во областа на животната средина и биодиверзитетот.
Дополнително, министерот најави дека измените и дополнувањата на Законот за планински патеки наскоро ќе бидат доставени во владина процедура.
Воедно, беа споделени информации и за законот за Белчишко Блато, како дел од обврските за заштита на природното наследство и усогласување со европските стандарди.
На брифингот беа споделени и информации за активностите поврзани со воспоставувањето на Дигиталниот регистар за загадувачи, при што беше нагласено дека во тек е фазата на законско усогласување за споделување и интегрирање на податоците во постојната база.
Министерството следната недела ќе одржи средби со граѓанските организации од областа на животната средина, како и со компаниите кои поседуваат А-интегрирани еколошки дозволи, со цел навремена подготовка за обврските кои произлегуваат од новиот Закон за контрола на емисии, што ќе стапи на сила во септември 2027 година.
Министерот порача дека транспарентноста и партнерството со јавноста остануваат клучни во процесот на создавање поздрав и поодржлив систем за заштита на животната средина.