Скопје, 18.06.2026 – Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, реализираше дводневна теренска посета на заштитените подрачја „Осоговски Планини“ и „Малешево“.
Теренската посета беше реализирана во рамки на активностите за унапредување на управувањето со заштитените подрачја и зајакнување на отпорноста на екосистемите и придонесува за зачувување на природното наследство, одржливо користење на природните ресурси и поддршка на локалниот развој, во подрачја со висока природна вредност.
Во текот на првиот ден од посетата, делегацијата изврши увид во работата на пречистителната станица во село Мојанци, општина Кочани, по што следуваше работна средба со претставниците на Телото за управување со Заштитеното Подрачје „Осоговски Планини“ на Пониква. На средбата беа разгледани тековните активности поврзани со управувањето со подрачјето, предизвиците со кои се соочуваат институциите на терен, како и можностите за понатамошен развој на еко-туризмот, заштитата на природните вредности и подобрувањето на посетителската инфраструктура.
Во рамки на посетата беше реализиран и увид во работата на пречистителната станица во село Мачево, Берово, каде беа разгледани технолошките процеси за третман на отпадните води и нивното значење за зачувување на квалитетот на водните ресурси и животната средина во регионот.
Вториот ден беше посветен на Малешевскиот регион. Делегацијата ја посети подружницата на ЈП „Национални шуми“ во Берово, по што следуваше теренска обиколка на локалитетот Клепало во рамки на Заштитеното Подрачје „Малешево“. За време на посетата беа презентирани природните вредности на подрачјето, активностите за нивна заштита, како и можностите за развој на одржливиот туризам и локалните иницијативи кои ќе придонесуваат за економски развој во хармонија со природата.
Во Пехчево беше одржана работна средба со претставниците на Телото за управување со ЗП „Малешево“, на која се разговараше за приоритетните активности во наредниот период, потребата од понатамошно зајакнување на институционалните капацитети и унапредување на соработката помеѓу националните и локалните чинители во процесот на управување со заштитените подрачја.
Во рамки на посетата беше опфатен и Едукативниот центар за зачувување на природата во село Негрево, кој претставува значаен ресурс за едукација на младите генерации и подигнување на јавната свест за значењето на биодиверзитетот, природните екосистеми и нивната улога во справувањето со климатските предизвици.
Теренската посета заврши со обиколка на водопадот „Црн Дол“ кај Равна Река – еден од препознатливите природни локалитети во Малешевскиот регион, кој дополнително го потврдува потенцијалот на ова подрачје за развој на одржлив туризам и промоција на природното наследство.
„Заштитените подрачја не се простор кој треба само да се чува, туку и мудро да се развива. Нашата цел е Осоговски Планини и Малешево да бидат пример како преку одговорно управување може истовремено да се зачува биодиверзитетот, да се подобри квалитетот на живот на локалното население и да се создадат нови можности за одржлив економски развој. Затоа инвестираме во зајакнување на капацитетите за управување, во посетителската и едукативната инфраструктура и во активности кои ќе ги доближат природните богатства до граѓаните, без да се загрози нивната природна вредност“, изјави заменик министерката Лашкоска.
Министерството за животна средина и просторно планирање останува посветено на зајакнување на системот за управување со заштитените подрачја, унапредување на заштитата на биодиверзитетот и поддршка на локалните заедници, препознавајќи ги природните ресурси како стратешка вредност за одржливиот развој и квалитетот на живот на сегашните и идните генерации.