Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Лашкоска во Прилеп: Новата опрема е инвестиција во почиста иднина и поефикасен систем за управување со отпад

Лашкоска во Прилеп: Новата опрема е инвестиција во почиста иднина и поефикасен систем за управување со отпад

Прилеп, 20 јуни 2026 година - Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денеска заедно со градоначалникот на Општина Прилеп Дејан Проданоски, ја промовираше новата опрема што е обезбедена за општината во рамки на активностите за унапредување на системот за управување со отпад и јакнење на локалните капацитети за заштита на животната средина.

Преку Министерството за животна средина и просторно планирање за Општина Прилеп се обезбедени 8.318 канти со капацитет од 120 литри за примарна селекција на отпад и 126 нови контејнери со капацитет од 1,1 метар кубен, со што значително се подобрува инфраструктурата за собирање и селекција на комуналниот отпад.

Во рамки на проектот за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион, Прилеп добива и девет нови специјализирани возила за собирање отпад. Од нив, три возила веќе се испорачани и ставени во функција, додека преостанатите ќе бидат испорачани етапно во наредниот период.

Дополнително, Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање обезбеди средства во износ од над 18,6 милиони денари за набавка на 48 полуподземни контејнери, кои ќе придонесат за помодерно, поефикасно и поеколошко управување со отпадот во градот.

„Овие инвестиции се дел од нашата заложба да изградиме модерен и одржлив систем за управување со отпад кој ќе обезбеди почиста животна средина и подобар квалитет на живот за граѓаните. Прилеп со години покажува лидерство во селекцијата на отпадот и заштитата на животната средина, а со оваа нова опрема дополнително ги зајакнуваме локалните капацитети и создаваме услови за уште поефикасно управување со отпадот“, истакна заменик министерката Лашкоска.

Таа нагласи дека Министерството останува посветен партнер на општините во реализацијата на проекти кои носат конкретни придобивки за граѓаните и придонесуваат кон исполнување на националните и европските стандарди во областа на животната средина.

Со овие инвестиции се создаваат предуслови за повисоко ниво на селекција, подобра јавна хигиена, намалување на количините отпад што завршуваат на депониите и поодговорно управување со ресурсите, во насока на изградба на почисти, поуредени и поодржливи локални заедници.

Мени за пристапност