Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Лашкоска – Есен (UNEP): Зајакнување на партнерството за зелена транзиција, одржлива иднина и конкурентна економија

Лашкоска – Есен (UNEP): Зајакнување на партнерството за зелена транзиција, одржлива иднина и конкурентна економија

Скопје,12.02.2026г – Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, оствари работен состанок со Ерсин Есен, раководител на проекти во Програмата за животна средина на Обединетите нации (UNEP) за Европа и Западна Азија.

Средбата се одржа во духот на продлабочување на институционалната и меѓународната соработка, со акцент на интегриран пристап во справувањето со еколошките предизвици и усогласувањето со европските и глобалните агенди за одржлив развој, вклучително и Зелената агенда и целите на Европскиот зелен договор.

На состанокот беше направен осврт на досегашната успешна соработка меѓу Министерството и UNEP, при што беше разгледан напредокот во реализацијата на тековните заеднички проекти, вклучително и проектите финансирани преку Глобалниот еколошки фонд (GEF), кои придонесуваат за подобрување на управувањето со природните ресурси, јакнење на институционалните капацитети и поддршката на зелените инвестиции во државата.

„Партнерството со UNEP претставува важен сегмент од нашата стратегија за модернизација на еколошките политики и целосно усогласување со европското законодавство. Преку заедничките иницијативи создаваме системски и долгорочни решенија кои ја зајакнуваат отпорноста на институциите и носат конкретни придобивки за граѓаните“, истакна заменик министерката Лашкоска.

Зелената транзиција не е избор, туку стратешка насока за одржлива иднина и конкурентна економија.

Министерството за животна средина и просторно планирање ја гледа соработката со UNEP како стратешки механизам за позиционирање на државата како активен и одговорен партнер во исполнувањето на глобалните цели за одржлив развој и во забрзувањето на европската зелена трансформација.

Мени за пристапност