
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска како дел од македонската делегација предводена од председателката Гордана Сиљановска Давкова учествува на третата конференција на високо ниво на Обединетите Нации за океанот.
Нашата делегација присуствува на покана на претседателот на Француската Република, Емануел Макрон кој е ко-претседавач со Костарика. Во присуство на голем број светски лидери, меѓу кои и претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен и претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта, се разговара за потребата од склучување мир со природата, како еден од главните предуслови за благосостојба на човештвото.
Македонија е потписничка на Конвенцијата за биолошка разновидност и активно учествува во глобалните напори за зачувување на биодиверзитетот. Како дел од своите обврски, земјата ја ажурира својата Национална стратегија со акциски план за биолошка разновидност за да се усогласи со целите на Кунминг- Монтреал глобалната рамка за биодиверзитет. Ова вклучува поставување на национални цели за зачувување на биодиверзитетот, одржливо користење на природните ресурси и мобилизирање на финансиски средства за спроведување на активностите.
Како држава даваме поддршка на меѓународните иницијативи кои се во насока на исполнување на Кунминг-Монтреал глобалната мрежа како што е случај и со Договорот за заштита и одржливо користење на морскиот биодиверзитет во области што се надвор од националната јурисдикција.На посебна церемонија, Силјановска-Давкова ќе го потпише Договорот во рамки на Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (BBNJ), усвоен во Њујорк на 19 јуни 2023 година кој што се смета за клучен за постгнувањето на глобалната цел.