Средба на министерот Нуредини со градоначалникот на Прилеп: Идентификувани приориотетни проекти за Прилеп

1(10.09.2019 г.) Денес, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини одржа средба со градоначалникот на општина Прилеп Илија Јованоски. На состанокот присуствуваа и заменик министерот Јани Макрадули и државниот секретар, Ана Петровска.

Градоначалникот на општина Прилеп изрази задоволство од проактивната улога на Министерот за животна средина и просторно планирање, кој претходно испрати барање до сите општини со цел да се идентификуваат приоритетни проекти за финансирање преку програмите на Министерството во наредната година. Приоритетните проекти на општина Прилеп се идентификувани и за нив е веќе изработена, или се изработува техничка документација. Успешноста на реализирање на националните програми, истакна министерот Нуредини, директно зависи од степенот на подготвеност на проектите.

Исто така, градоначалникот Јованоски побара од Министерството да ја разгледа можноста да постави мерна станица за квалитет на амбиентниот воздух во Прилеп, при што Министерот нагласи дека се прават анализи околу потребите за проширување на националниот систем за мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух, и секако Прилеп ќе се вклучи во тие анализи.

Соработката со општините и Министерството е исклучително важна и заради тоа тесната координација со оваа и другите општини ќе продолжи се со цел да се интензивираат инвестициите во проекти за заштита и унапредување на квалитетот на животната средина.