
Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница, го усвои Предлог-законот за правична и соодветна застапеност.
Овој предлог-закон претставува историски момент, бидејќи по првпат правичната и соодветна застапеност, како уставна категорија од 2001 година, добива јасно и целосно законско решение.
Иако ова прашање требаше да биде регулирано со закон уште во 2003 година, повеќе од две децении остана заложник на политичката волја.
Предлог-законот гарантира:
Еднаква пристапност во вработување и унапредување во јавната администрација;
Правична и соодветна застапеност на сите заедници во јавните институции, но и обезбедување вработувањето и унапредувањето да се вршат врз основа на заслуги и квалификации на секој поединец.
Создавање институционални и процедурални механизми за избегнување на дискриминацијата и за зајакнување на инклузивноста.
Овој, иако задоцнет, но неопходен чекор, конечно ја тргнува застапеноста од влијанието на дневната политика и го прави законско право за секој граѓанин, без оглед на етничката припадност.
Усвојувањето на овој предлог-закон е доказ дека кога постои искрена политичка волја, резултатите не изостануваат.
Со оваа одлука, владата испраќа јасна порака за изградба на пофункционална, пофер и вистински претставничка јавна администрација.