Министерот Меџити оствари билатерална средба со министерот за екологија на Црна Гора, Дамјан Чулафиќ

Новости
Централна точка на разговорот беше иницијативата за обновување на Меморандумот за соработка во областа на животната средина и климатските промени
Министерот Меџити оствари билатерална средба со министерот за екологија на Црна Гора, Дамјан Чулафиќ
16.06.2025

Скопје, 16 јуни 2025 Денеска во Владата на Република Северна Македонија се одржа работна билатерална средба помеѓу првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, и министерот за екологија, просторно планирање и урбанизам на Црна Гора, Дамјан Чулафиќ.

Централна точка на разговорот беше иницијативата за обновување на Меморандумот за соработка во областа на животната средина и климатските промени. Двајцата министри изразија подготвеност за нов, конкретен чекор напред во унапредување на билатералната соработка.

Посебен фокус беше ставен на управувањето со отпад и отпадни води, при што се нагласи важноста на размена на експертиза и искуства за современи системи за селекција, третман и реупотреба, како и на потребата од транспарентна и ефективна комуникација со јавноста.

На средбата беа разгледани и актуелни и планирани заеднички проекти, меѓу кои: Прекуграничниот проект за управување со поплави во сливот на реката Дрим и Регионалната иницијатива EU4Green, насочена кон обуки и јакнење на административните капацитети.

Министрите исто така дискутираа за мониторингот и известувањето според Енергетската заедница и Европската агенција за животна средина (EEA). Договорено е двете земји да ја продлабочат соработката во координацијата на политики, развој на заеднички капацитети и подобрување на методологиите за известување, особено во контекст на исполнување на целите од Националните енергетски и климатски планови (NECP).

Средбата заврши со заедничка констатација дека регионалната соработка, заснована на споделување добри практики и координиран пристап кон ЕУ интеграциите, е клучна за успешна имплементација на европските стандарди во животната средина.

Галерија
Submitted by alfa4 on 16.06.2025 - 15:07