
Тетово, 18 јуни 2025 година Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, учествуваше и се обрати на Регионалниот форум со тема: „Добро управување и меѓуинституционална соработка во заштитените подрачја во Северна Македонија, Албанија и Косово“, кој се одржа во градот под Шара, Тетово.
Во своето обраќање, министерот Меџити истакна дека природните ресурси како водата, воздухот и шумите не познаваат политички или административни граници, додека начинот на нивно управување ја одразува капацитетот на државата и на регионот во целина.
„Водата што тече од нашите планини, воздухот што циркулира низ долините и шумите што ги покриваат нашите природни граници не ја познаваат администрацијата, ниту политичките бариери. Но, начинот на кој ги штитиме овие природни ресурси, особено управувањето со заштитените подрачја и националните паркови, претставува директен одраз на нашите институционални капацитети – како држави и како регион“
- изјави Меџити.
Министерот посочи дека заштитените подрачја се најчувствителните и највредни делови од територијата, каде што се зачувува загрозената биолошка разновидност, се штитат природните ресурси и се обезбедува еколошка стабилност.
‘Како дел од конкретните активности, Министерството за животна средина и просторно планирање ја зголеми заштитената површина од 11,5% на 13,9%, со прогласувањето на Националниот парк Шар Планина и подготовките за заштита на регионот Јабланица. Во фокус се и подготовките за хармонизација со европската мрежа Natura 2000 и Конвенцијата CITES, преку инвестиции во обуки, дигитални системи и платформи за управување со податоци’
- додаде Меџити.
Министерот Меџити потенцираше дека природата е целина, а нејзината заштита е заедничка одговорност. Заштитените подрачја како Шар Планина, Маврово, Галичица и Преспанско-Охридскиот регион се природни мостови што ги поврзуваат нашите држави и народи.
Во рамки на форумот беа презентирани и добри практики, како поставувањето на соларни огради во Шар Планина за заштита на земјоделските култури од диви животни – решение засновано на природата и одржливоста.
На крај, министерот повика на понатамошна координација меѓу институциите на Северна Македонија, Албанија и Косово, како и со европските партнери, за да се обезбеди ефективно управување со заштитените подрачја и да се изгради здрава, зелена и одржлива иднина за сите.