Изворите на загадување на воздухот ќе се откриваат со високософистицирана опрема

7На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска беше промовирана софистицирана лабораториска опрема која прецизно ги анализира и утврдува поединечните извори на загадувањето на воздухот. Станува збор за еден од најсовремените уреди од оваа област во светот за анализа на аеросоли (честичките од воздухот), набавен во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“, финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида, а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Загадувањето на воздухот е најголемиот поединечен ризик по здравјето во Европа и некои од највисоките концентрации на загадувањето на воздухот се регистрирани овде во Северна Македонија, во Скопје, Битола, Тетово. Со овој проект Шведска придонесува подобро да се анализираат и окријат изворите на загадување со што ќе се развијат и подобри стратегии за спречување на загадувањето базирани врз овие податоци. Како дел од поддршката во пристапниот процес кон ЕУ и усвојување и имплементација на Поглавјето 27 од Европското законодавство за животна средина, Шведска останува посветена во поддршката на напорите за справување со предизвиците поврзани со животната средина и помага во активностите за подобрување на квалитетот на воздухот“, изјави амбасадорката на Шведска Кристин Форсгрен Бенгтсон.

„Загадувањето на воздухот може да се превенира доколку ги знаеме и работиме на соодветно решавање на изворите на загадување. Непосредната акција на сите нивоа на општеството е најдобрата стратегија. Во тој правец ја подобруваме соработката со граѓаните, деловните субјекти, локалните самоуправи, но и со академијата. Ова подразбира  правилно следење на клучните загадувачи, преку детекција на изворите на загадување, разбирање на причините и проектирање на конкретни акции за нивно надминување засновани на напредни и софостицирани научни методи“ – изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

„Со оваа опрема заокружуваме една целосно функционална платформа која гиобединува сите потребни активности во справување со загадувањето на воздухот. Собраните податоци од статичните и мобилните станици поставени во рамки на проектот на повеќе локации во Скопје, ќе бидат анализирани со голема брзина и висока прецизност со што ќе се откријат изворите на загадувањето“, изјави Постојаната претставнилка на УНДП во земјата, Нарине Сахакјан. „Науката ги диктира потребите за поголеми вложувања за справување со овој проблем“, додаде Сахакјан.

Новата опрема е набавена во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“, вреден над два милиони американски долари.