Започнува кампања за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата IV -Парк на природа

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во соработка со општина Охрид започнуваат со јавна кампања за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата IV -Парк на природа.

Целта на кампањата е да се информира и запознае јавноста за тоа што го прави  Студенчишко Блато посебно, како може да се зачуваат неговите природни вредности и биодиверзитетот и кои се кои се придобивките, вклучувајќи ги и социо-економските аспекти од тој процес.

Во рамки на кампањата ќе се одржи и јавна расправа, како дел од активностите за вклучување на јавноста во процесот на прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје.

Додека трае постапката за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природата, овој локалитет е номиниран за водно живалиште од меѓународна важност според Рамсарската Конвенција, а неодамна, министерот за животна средина и просторно планирање, согласно Законот за заштита на природата донесе Решение за негова привремена заштита. Привремената заштита на подрачјето ќе се применува до денот на влегувањето во сила на Законот со кој ќе се прогласи Студенчишко Блато за заштитено подрачје. 

Студенчишко Блато има особено значење поради хидролошките и геоморфолошките карактеристики, составот на почвите и изобилува со богат екосистем во кој егзистираат ретки и ендемични растенија и животни. Овој локалитет припаѓа на Субмедитеранско-континентален езерски предел. Од природните и полуприродните хабитати се среќаваат алкални блата, мочуришта и влажни ливади, а од антропогените: овоштарници, ниви и градини.