
Денес, во просториите на УНДП, која е имплементирачка агенција на ООН за реализација на проектот, се одржа првиот состанок на Управувачкиот Комитет со цел взаемно информирање за текот на спроведувањето на проектните активности и планирани идни активности.
Заменик министерката Лашкоска изрази благодарност за досегашната соработка со УНДП и укажа на важноста на проектот во изработката на документи кои не само што се обврска на државата согласно Рамковната Конвенција на ООН за климатски промени и Договорот од Париз, туку претставуваат и основа за преглед на состојбата во однос на емисиите на стакленичките гасови во државата и мерките за нивно намалување.
Лашкоска уште еднаш ја реафирмира потребата за оптимизирање на барањата кои прозлегуваат од Европското законодавство, врзано со обврските на државата како страна на Енергетската заедница и спровдувањето на законодавството на ЕУ од областа клима, кои се преточени и во предлогот на Законот за климатска акција.
Заменичката на постојаниот претставник на УНДП, Ана Чернишова истакна дека ова е еден од најважните проекти во портфолиото на УНДП, но и за државата, бидејќи и помага на нашата држава да ги исполни обврските презеемни со ратификацијата на Меѓународната конвенција за климатски промени и на Парискиот договор.
Таа нагласи дека во рамки на проектот се вклучени компетентни Одговорни страни од академскиот сектор, но и други експерти кои имаат знаење и искуство во изработка на квалитетни документи кои што ќе и помогнат на државата не само во процесот на известување за климатските промени, туку и во конкретно спроведување на климатската акција.