Управување со водите во фокусот на Секторската работна група за животна средина и климатски промени

Новости
Секторската работна група за животна средина и климатски промени
Секторската работна група за животна средина и климатски промени
04.06.2025

Министерството за животна средина и просторно планирање ја одржа Секторската работна група за животна средина и климатски промени, на која учествуваа претставници од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, претставници од релевантни државни институции, меѓународни партнери, граѓански организации и приватниот сектор.

Состанокот го отворија заменик министерката, Ане Лашкоска и претставник од Делегација на Европската Унија во РСМ, Мари-Мадлин Канелопулу..

Фокусот на состанокот беше насочен кон актуелната состојба и стратешките насоки во областа на управувањето со водните ресурси – вклучително и реализацијата на тековни и планирани проекти, идентификување на системските предизвици и дефинирање на приоритетни идни чекори. Во овој контекст беше  посочена важноста на поддршката од Европската Унија (преку ИПА проектите) и Р. Швајцарија како најактивни донатори во секторот за води.

Во своето обраќање, заменик министерката Лашкоска ја нагласи потребата од интегриран и долгорочно одржлив пристап кон управувањето со водите, при што потенцираше неколку суштински аспекти: состојбата на терен, институционалните и инфраструктурните бариери, влијанието на климатските промени, како и потребата од засилување на јавната свест и вклученоста на заедницата.

„Водата претставува стратешки ресурс од суштинско значење – економски, еколошки и социјален. За негово ефикасно управување потребна е јасна визија, интерсекторска координација и споделена одговорност помеѓу сите засегнати страни – институциите, општините, јавните претпријатија, стопанскиот сектор и граѓаните,“

    – истакна Лашкоска.

Министерството ја реафирмира својата заложба за континуирано унапредување на политиките и механизмите за заштита и рационално користење на водните ресурси, со крајна цел – обезбедување на одржливо и безбедно водоснабдување за сегашните и идните генерации.

Галерија
Submitted by alfa4 on 04.06.2025 - 10:01