Денот без автомобили одбележан во повеќе градови во државата

Новости
Со велосипедски дефилеа во повеќе градови низ државата, на 22 септември беше одбележан Меѓународниот Ден без автомобили
ЕВРОПСКА НЕДЕЛА НА МОБИЛНОСТ 2025
22.09.2025
ЕВРОПСКА НЕДЕЛА НА МОБИЛНОСТ 2025

Со велосипедски дефилеа во повеќе градови низ државата, на 22 септември беше одбележан Меѓународниот Ден без автомобили, како и завршувањето на Европската недела на мобилност (ЕНМ). На овие настани учествуваа граѓани, ученици, рекреативци, ентузијасти и љубители на велосипедизмот и пешачењето.

Оваа година, кампањата беше спроведена под темата „Мобилност за сите“. Овој ден се одбележува со цел да се промовираат одржливите и заедничките форми на транспорт, кои ќе помогнат во намалување на употребата на автомобили и во редуцирање на емисиите на штетни гасови во воздухот. Со тоа, се стремиме кон остварување на европската стратегија за декарбонизација.

Целта на кампањата е да се нагласи важноста од обезбедување пристап до одржливи опции за транспорт за сите луѓе, без оглед на нивниот приход, локација, пол или способности. Исто така, се сака да се поттикне синергијата помеѓу луѓето и локациите, користејќи ја нивната експертиза, креативност и посветеност за подигање на свеста за одржлива мобилност.

Во 2025 година, Европската недела на мобилност нè поттикнува да создадеме општество во кое транспортните услуги се достапни, пристапни, прифатливи, инклузивни и безбедни. Темата на овогодинешната кампања ја одразува потребата за помош и соработка помеѓу сите жители на Европа, како и важноста да работиме заедно, како граѓани и општествени чинители, за создавање услови каде јавниот превоз, пешачењето и велосипедизмот ќе бидат достапни и одржливи опции за сите.

Велосипедските паради се одржаа во градовите Велес, Прилеп, Струга, Струмица, Кавадарци, Кочани и Битола. Во овие настани учествуваа и многу граѓани, кои со своето присуство покажаа дека користењето на велосипеди и пешачењето стануваат се попопуларни и поекономични начини на движење низ урбаните средини.

Европската недела на мобилност се одржа од 16 до 22 септември, под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање како национален координатор. Во одбележувањето официјално учествуваа 7 градови во државата.

Интересно е што оваа година Европската недела на мобилност привлекла учество на 2473 градови од 46 држави од Европа и светот.
 

Submitted by alfa4 on 22.09.2025 - 14:22