
Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Ане Лашкоска, и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов денес присуствуваа на официјалниот почеток на градежните активности за изградба на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација во Урбан Блок 4.4. во општина Гевгелија.
Целта на овој значаен проект е обезбедување на квалитетна вода за пиење, прифаќање на фекалните води од објектите во овој дел од градот, како и прифаќање на атмосферските води.
Со неговата реализација, ќе се обезбедат подобри комунални услуги и ќе се подигне квалитетот на живеење на над 2.500 граѓани кои живеат во овој урбан блок во општина Гевгелија, и ќе се заштити животната средина и биодиверзитетот.
-Заштитата и зачувувањето на биодиверзитетот на реката Вардар преку изградба и на фекална канализација, ќе овозможи отпадните води да се прочистуваат во постојната станица и потоа да се испуштаат во водите на Вардар, што е од особена важност за квалитетот на речните води, а од друга страна го зголемува значењето на овој проект и свесноста за вредноста и комплексноста на животната средина и за неопходните активности кои треба да ги преземеме, за да се заштитат и зачуваат водите на оваа најголема македонска река и нејзиниот биодиверзитет
– рече Лашкоска.
Таа воедно истакна: „Во иднина мораме заеднички да поработиме на подигнувањето на јавната свест и одговорноста на секој подинец, бидејќи на крајот на денот грижата за потрошувачката и третманот на водите не е единствено одговорност на државата и институциите, таа е одговорност на секој од нас, и тие ограничени природни ресурси треба одржливо да ги користиме.“
-Со реализацијата на овој и на сите наши проекти, како Влада и министерство за животна средина и просторно плaнирање, придонесуваме за одржлив, сеопфатен и рамномерен развој на нашата држава, следејќи ги потребите на граѓаните, а истовремено правејќи сериозен исчекор со кој заедно ги забрзуваме промените кон одржлив развој на економијата и инфраструктурата и поквалитетен животен стандард, подеднакво за сите наши граѓани,
– потенцираше заменик министерката Ане Лашкоска.
Вкупната вредност на проектот за изградбата на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација изнесува 48.233.215 МКД односно 572.179 евра, средства обезбедени од Владата, преку кредит од „Европската инвестициска банка“.