Лашкоска и Улман го означија почетокот на стратешки проект за подобри комунални услуги

Новости
Денеска, во просториите на Министерството за животна средина и просторно планирање, се одржа свечен настан по повод потпишувањето на договори за реализација на проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Северна Македонија“.
Лашкоска и Улман го означија почетокот на стратешки проект за подобри комунални услуги
31.07.2025

Скопје, 31.07.2025 Денеска, во просториите на Министерството за животна средина и просторно планирање, се одржа свечен настан по повод потпишувањето на договори за реализација на проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Северна Македонија“. Проектот, со вкупен буџет од 7,5 милиони швајцарски франци, се реализира во соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија, застапувана од МЖСПП, и Владата на Швајцарија, застапувана од Државниот секретаријат за економски прашања (SECO).

На настанот присуствуваа заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Вероник Улман, како и градоначалници и директори на јавни комунални претпријатија од седумте општини – корисници на проектот.

Целта на проектот е да се подобрат техничките, организациските и финансиските капацитети на јавните комунални претпријатија, преку фокусирани интервенции за намалување на загубите на вода, зголемена енергетска ефикасност, користење обновливи извори на енергија и воведување современи системи за управување и наплата.

„Длабоко верувам дека силни, модерни и ефикасни комунални претпријатија се основа за заштита на ресурсите, квалитетни јавни услуги и воопшто функционални општини. Преку овој проект со Швајцарија, кој е еден од низата што ги спроведуваме заедно, обезбедуваме конкретна поддршка – финансиска, техничка и експертска – за општините и нивните комунални претпријатија да се зајакнат, модернизираат и да бидат поквалитетен сервис за граѓаните”
- истакна Лашкоска.

Амбасадорката на Швајцарската Конфедерација Вероник Улман изјави дека со овој проект се одговара на итните потреби за зголемување на ефикасноста на јавните комунални претпријатија.

"Во време кога климатските промени се сѐ поизразени, водата мора да се третира како вреден ресурс и затоа сме посветени јавно -комунални претпријатија да ги поддржиме да станат поефикасни, поотпорни и посигурни за граѓаните"
- изјави Улман.

Проектот, како што беше истакнато на настанот, предвидува пристап базиран на продуктивност  – преку воведување мерки за оптимизирање на водоснабдувањето, инсталација на енергетски ефикасна опрема, подобрување на податоците и наплатата, како и обуки за управување и развој на капацитетите и процесите во јавните претпријатија.

Министерството ќе има активна улога и во подобрување на регулаторната рамка на национално ниво, како и финансиско учество преку сопствени средства. Целта е овие системски вложувања да резултираат со поквалитетни и постабилни јавни услуги за граѓаните во целата земја.

Галерија
Submitted by alfa4 on 31.07.2025 - 15:56