
Скопје, 20.05.2025г. Денес во чест на 20-ти Мај, Светскиот ден на пчелата, заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска присуствуваше на официјалното отварање на првиот Парк на пчелата во земјата лоциран во кругот на Факултетот за земјоделски науки и храна.
“Неможеме а да не бидеме фасцинирани не само од уникатната организација и беспрекорното функционирање на пчелините семејства, туку од корисноста на пчелите и нивното значење за животната средина, опстанокот на екосистемите, биолошката разновидност и се разбира производството на храна“
- изјави Лашкоска во поздравното обраќање, додавајќи дека од таа причина е многу важно постоењето на ваков едукативно-информативен објект кој е уникатен по својата содржина и димензија, не само за Македонија, туку и пошироко за регионот и во кој посетителите, од најмладите до највозрасните, ќе имаат можност да разберат зошто пчелата е толку важна и од аспект на обезбедување на храна, но и од аспект на биодиверзитетот и опстанокот на екосистемите во животната средина.
Од странана ОН пчелата е прогласена за најкорисното суштество на планетата, а податоците кажуваат дека 70 до 80 одсто за опрашувањето на растенијата е заслужна пчелата. Таа е една од најважните опрашувачи во природата и директно е заслужна за приносите на многу раститителни култури, зеленчукот, овошјето, јаткастите плодови односно за производството на храната, но и за опрашувањето на дивите видови со што помага во одржувањето на рамнотежата во екосистемите.
За жал во последните години се појавија многу фактори што претставуваат опасност за опстанокот на овој важен биолошки вид, како што се се` поголемата употреба на пестициди во модерното производство на храна, загубата на природните живеалишта и секако климатските промени и од таа причина потребно е поголемо внимание и грижа за овој вид.
Паркот на пчелата е изграден со поддршка на Република Словенија во рамки на проектот „Жени пчелари-двигатели на позитивни промени во Македонија“, а го имплементира хуманитарната и развојна организација АДРА Македонија.
На настанот, покрај Лашкоска се обратија и деканот на Факултетот за земјоделство и храна проф. д-р Миле Маркоски, амбасадорот на Словенија Н.Е. Грегор Прескер и директорот на АДРА Македонија Ванчо Трајковски.