Изет Меџити: Ќе нѐ мерите по завршени километри, не по потрошени зборови

Новости
Македонија ја завршува својата делница и ја носи Европа на Балканот, а Балканот – во Европа.
Ќе нѐ мерите по завршени километри, не по потрошени зборови
03.05.2025

Почитуван претседател на Владата, почитувана амбасадорке Агелер, ценети колеги од Владата, почитувани градоначалници, претставници на Бехтел Енка, претставници на медиумите, драги сограѓани, Пред само неколку години, единствените „градежни“ активности што ги гледавме беа гламурозни прес-конференции и камери насочени кон ленти што никогаш не се пресечени со асфалт. Ништо не се градеше. Денеска, наместо фотообјективи, околу нас трешти звукот на булдожери, багери и камиони. Ние не снимаме рекламни спотови – градиме иднина. Градиме патишта за нашиот народ.

Коридорот  8 е повеќе од пат. Тоа е европска артерија што ги поврзува Јадранот o со Црното Море, го поврзува срцето на Балканот. Нашата стратешка одлука е јасна: Македонија ја завршува својата делница и ја носи Европа на Балканот, а Балканот – во Европа.
Со почетокот на овој автопат,  го претвораме Полошкиот регион во раскрсница на можности и инвестиции, работни места, го скратуваме патот меѓу Скопје, Охрид и Струга, и ја приближуваме границата кај Ќафасан, кон секој наш дом и секоја бизнис идеја што чека пазар. Создаваме можности да си ги вратиме децата дома.

Дозволете ми искрено да ѝ се заблагодарам на амбасадорката на САД, г-ѓа Ангела Агелер, за континуираната поддршка. Вашето присуство денес е доказ дека стратешкото партнерство помеѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави не е само на хартија, туку и на чекан, бетон и челик. За работа и за инвестиции.  Ви благодариме.

Исто така, благодарност до тимот на Бехтел и Енка и до стручните служби на Јавното претпријатие за државни патишта. Без вашата експертиза, оваа визија немаше да стане конструктивен факт.
Ние не градиме само автопат – градиме доверба. Во исто време инвестираме во локални улици, канализациски и водоводни мрежи, училишта и амбуланти. Комбинацијата од државни и општински проекти значи дека секоја општина чувствува дека Владата е тука – со реални средства и реални резултати.

Оваа година Македонија е едно големо градилиште. Од Кривопаланечко до Ресенско, од Тетовско до Долненско, од Дебарско, до Струмичко – каде и да одите, ќе наидете на сигнализација за градилиште. Тоа не е случајност, тоа е план. Затоа што нашите граѓани заслужуваат инфраструктура што го скратува времето на патување, ја зголемува безбедноста и го подобрува квалитетот на живот.
Денес поставуваме камен-темелник на проект вреден 90 милиони евра, но вистинската вредност е немерлива:

  • Секој спасен живот поради побезбеден пат.
  • Секој нов бизнис што ќе одбере да инвестира тука, поради подобрена логистика.
  • Секоја млада личност што ќе остане во регионот, затоа што можностите доаѓаат кај неа, а не обратно.

Дозволете ми да завршам со едно просто ветување: Ќе нѐ мерите по завршени километри, не по потрошени зборови. Денешниот темел е симбол на таа политика – политика на дела, а не на празни фрази.
Ви благодарам. Нека е со среќа и правата линија нека нѐ води до нови успеси!”
 

Галерија
Submitted by alfa4 on 05.05.2025 - 08:43