Лашкоска: Работна посета за зајакнување на македонско-турската соработка

Новости
Зајакнување на македонско-турската соработка во областа на животната средина и климата и размена на искуства во управување со квалитетот на воздухот и климатските промени
Работна посета за зајакнување на македонско-турската соработка
05.09.2025

Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Ане Лашкоска, и директорката на државниот инспекторат за  животна средина, Ивана Гиновска, денес и утре се во дводневна работна посета на министерството за животна средина, просторно планирање и клима на Република Турција .

Целта на оваа посета е зајакнување на билатералната соработка во областа на управувањето и справувањето со предизвиците во областа на животната средина, вклучително и квалитетот на воздухот.

Двете страни ќе разменат искуства и добри практики за мониторирање на воздухот, имплементација на меѓународните стандарди за негов квалитет и разработка на нови политики кои ќе ги намалат загадувачките фактори. Соработката во оваа област е од особено значење за справување со глобалните предизвици како што се климатските промени и урбаното загадување, и ќе придонесе за зајакнување на капацитетите на институциите во двете држави.

Во рамките на посетата, одржан е билатерален состанок помеѓу заменик министерката Лашкоска и заменик министерката за животна средина на Турција и главен турски преговарач за климатски промени, Фатма Варанк. На состанокот, тие дискутираа за заедничките предизвици во борбата против климатските промени, и разменија искуства за развој на национални стратегии и политики за адаптација и ублажување на климатските промени, како и за управувањето со природните ресурси.

Во текот на престојот во Анкара, заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Ане Лашкоска, и директорката на државниот инспекторат за  животна средина, Ивана Гиновска, во просториите на македонската амбасада, остварија работна средба и со македонскиот амбасадор во Република Турција Н.Е. Јован Манасиевски. На средбата со амбасадорот Манасиевски, разговорите се фокусираа на унапредување на билатералната соработка меѓу нашата држава и Турција во областа на животната средина и климатските промени, зајакнување на институционалните капацитети и размена на искуства за идни проекти и иницијативи од заеднички интерес, како и за можностите за развивање на заеднички проекти и програми со поддршка на меѓународни партнери.

Галерија
Submitted by alfa4 on 05.09.2025 - 11:32