
Скопје, 18.08.2025 Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска изврши увид на терен во завршната фаза од изградбата на секундарната фекална канализација во Арачиново – проект составен од 9 краци, со вкупна вредност од околу 20 милиони денари.
Меџити при работната посета изјави дека моментално се работи на последниот крак, во должина од 860 метри, каде што се реализирани 50% од активностите, а проектот се очекува да заврши во текот на наредниот месец.
„Во изминатите 13 месеци, во Арачиново донесовме инвестиции во вредност од над 164 милиони денари – реални, конкретни проекти, а не само празни ветувања. Она што за некои беше недостижно повеќе од три децении – ние го реализиравме. Го изградивме ободниот канал, започнавме со изградба на нови фекални, атмосферски и водоводни мрежи, и овозможивме урбано уредување преку изградба на пешачки патеки и шеталишта, како што е случајот покрај Мојанска Река“,
-изјави Меџити.
Овие инвестиции, појасни тој, се резултат на соработката на Министерството за животна средина со Владата, при што се инвестирани 164 милиони денари преку Првиот повик, Вториот повик и Програмата за капитални инвестиции – од кои 64 милиони денари се само за изградбата на каналот, а 100 милиони денари за други инфраструктурни проекти.
Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина Меџити најави дека работата нема да застане тука.
„Ќе продолжиме да инвестираме – не по партиска или етничка линија, туку секаде каде што има реална потреба. Веруваме во одговорна политика која носи конкретни резултати, а нашата цел е секој граѓанин да ја почувствува разликата“,
- заклучи Меџити.