Потпишан договор за грант со ЕБОР за старт на втората фаза од Регионалниот проект за управување со цврст отпад

News
МЖСПП денеска потпиша договор за грант со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР)
Потпишан договор за грант со ЕБОР за старт на втората фаза од Регионалниот проект за управување со цврст отпад
15.07.2025

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска потпиша договор за грант со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), во вредност од 2 милиона евра, со кој започнува подготовката на втората фаза од Регионалниот проект за управување со цврст отпад во Северна Македонија.

Овие 2 милиони евра грант средства за техничка поддршка, обезбедени преку Инструментот Инвестициска рамка за земјите од Западен Балкан (WBIF) се наменети за спроведување на физибилити студии и анализи за животната средина и социјални аспекти за Вардарскиот и Југоисточниот регион, како предуслов за изградба на современи санитарни депонии, претоварни станици и опрема за управување со отпад во регионот, според највисоките стандарди на ЕУ.

На настанот присуствуваа првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, и помошник Директор  ,  Банкар , Билјана Милошеска од ЕБОР.
„Со средствата за кои денеска потпишуваме договор за грант обезбедуваме техничка подготовка за Вардарскиот и Југоисточниот регион, што е предуслов за изградба на модерна инфраструктура: санитарни депонии, претоварни станици и систем за ефикасно управување со отпад. 
Придобивките се конкретни – почиста животна средина, европски стандарди и директно подобрување на квалитетот на живот на граѓаните” - изјави министерот Изет Меџити на настанот.

„Овој проект претставува значаен чекор кон зелена и одржлива иднина во државата. Исто така, тој преставува прва иницијатива на Банката во овој сектор, поддржувајќи имплементација на системи за управување со отпад што се усогласени со ЕУ стандарди за повеќе од еден милион жители во три регионални плански области и 45 општини.“
- изјави Билјана Милошеска, ЕБОР

„Зачувувањето на природните убавини на Северна Македонија бара решителна и ригорозна борба против цврстиот отпад на централно и локално ниво. Со 2 милиони евра грант финансирање од WBIF, ние ја продолжуваме посветеноста на ЕУ да ја поддржиме земјата во пронаоѓањето на најдобрите решенија за справување со проблемот со цврстиот отпад. Ова е само почетокот на тековната финансиска поддршка од ЕУ за Северна Македонија во областа на животната средина и управувањето со отпад.“
- истакна Европскиот амбасадор Рокас

Регионалниот проект за цврст отпад, финансиран со заем од ЕБОР од 55 милиони евра, кој беше претходно потпишан, вклучува изградба на санитарни депонии, трансфер станици и инфраструктура за собирање отпад во повеќе региони. Првата фаза, финансирана со транша од 47,5 милиони евра, веќе е во фаза на имплементација и опфаќа активности во регионот на Пелагонија, Југозападниот и Полошкиот регион., а денешниот грант овозможува техничка подготовка за мобилизирање на активности и во Вардарскиот и Југоисточниот регион. Грантот е дел од поширока финансиска поддршка обезбедена од ЕУ и WBIF која вклучува 21.7 милиони евра инвестициски грант кој ќе биде попишан во текот на имплементацијата на Регионалниот Проект за Управување со Цврст Отпад. 

Со овој чекор, Министерството за животна средина и просторно планирање ја потврдува својата заложба за современо, ефикасно и европско управување со отпадот, во партнерство со меѓународните институции и во интерес на сите граѓани на Северна Македонија.

Gallery
Submitted by alfa4 on 15.07.2025 - 20:52